26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрилепските земјоделци заинтересирани за ИПАРД 2 програмата

Прилепските земјоделци заинтересирани за ИПАРД 2 програмата

pp ipard3

ИПАРД 2 програмата денеска, беше презентирана пред прилепските земјоделци од страна на претставници на Министерството за земјоделство во соработка со Агенцијата за поддршка на руралниот развој, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Општина Прилеп и Центарот за развој на пелагонискиот – плански регион.

ИПАРД 2 програмата во однос на ИПАРД 1 има одредени измени, особено во делот на растителното производство каде што е внесено и поледелството како можност за инвестиции.

„Такашто сега се надеваме дека во овој ИПАРД 2 ќе имаме многу повеќе барања отколку во претходниот ИПАРД затоа што во минатото беа лимитирани поледелските култури. Исто така живинарските фарми со конзумно јајце не беа внесени во минатиот ИПАРД, сега и тие се внесени. Во овој програмски период од 2014 до 2020 година очекуваме искористеноста на средствата да биде многу поголема. Сега поголем е бројот на земјоделски култури со кои може да се конкурира, особено за нашиот регион, Прилеп, Кривогаштани и Долнени, каде житните култури ги има во големи површини и каде скоро секое семејство има засадено вакви површини. Минималниот праг за ова е 10 декари, а скоро секоја фамилија тука има по 10 декари земја. И сточарите не се запоставени и тие се земени во предвид, како и градинарските култури. За овој оглас имаме на располагање за целиот програмски период вкупно 60-тина милиони евра кои се распоредени со мерки, такашто 20% од вкупните пари можат да бидат наменети за трактори, што е една добра новина. Затоа што и во минатиот период најголемиот број на барања беа за тракторите“, истакна Горан Томески, раководител на АПРЗ – Прилеп.

Некои од земјоделците веќе имале искористено средства од оваа програма и ги споделија своите позитивни искуства.

„Во нашиот случај стануваше збор за набавување на нова опрема за фабриката за преработка на овошје и зеленчук. Ние два пати ги користиме овие средства. Процедурата за добивање не е толку едноставна, има правила, но доколку се придржуваш кон нив ништо не е сложено. Значи нашите машини сите беа од други држави, бидејќи не се произведуваат кај нас, целата таа потребна документација требаше да се среди, да се преведи, но доколку се јавеше некаков проблем од самата Агенција не известуваше со рок за корекција. Значи се се решава доколку се оди според програмата која се нуди. Планираме сега повторно да аплицираме и за ИПАРД 2 програмата и повторно тие средства би ги искористиле за набавување на машини и осовременување на производството. 50% од сумата на инвестицијата ви се враќа назад со ИПАРД програмата“, истакна Игор Гулабоски, „Бим Фуд“, фабрика за преработка на овошје и зеленчук.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП