Цените на нафтата се стабилизираа во понеделник на меѓународните берзи над нивото од 55 долари, закочени од продолжениот раст на бројот на бушотини во САД, што го зголемува стравот дека зголеменото американско производство ќе го неутрализира координираното намалување на снабдувањето од другите големи производители.
На лондонскиот пазар цената на барелот остана речиси непроменета во однос на претходното затворање и изнесуваше 55,28 долари. На американскиот пазар барелот во понеделник се тргуваше по незначително повисока цена во однос на затворањето во петок, од 52,92 долари.
На почетокот на новата недела во фокусот на пазарот беше и податокот на специјализираната советодавна компанија Baker Hughes дека бројот на активни нафтени бушотини во САД минатата недела пораснал на највисокото ниво од ноември 2015 година, сигнализирајќи дека на американските производители им одговараат ценита на нафтата над 50 долари за барел.
ОПЕК денес објави дека цената на барелот на референтната кошничка од нејзината нафта во петок изнесувала 52,88 долари, што значи дека не се променила значително од претходниот трговски ден.