12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните треба да си ги штитат своите лични податоци

Граѓаните треба да си ги штитат своите лични податоци

trajkovski-memeti333

Граѓанинот мора да ги штити своите лични податоци, затоа што тоа е негово основно човеково право, а ниту една институција не може да гарантира сто отсто заштита на личните податоци, беше заклучено во петок, на одбележување на Денот за заштита на личните податоци, кое го организира Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП).

„Личните податоци се високо ризична таргет група во светски рамки и би било смело да кажам дека личните податоци се безбедни во Република Македонија. Сведоци сме што се случуваше со појавата на Викиликс, што се случуваше со Сноуден, какви се испади има од големите интернет провајдери од типот на Гугл и мрежите што тие ги поддржуваат како Твитер и Фејсбук. Тоа е една секојдневна борба, условно, кажано меѓу доброто и злото“, изјави директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) Горан Трајковски.

ДЗЛП денеска организираше настан на кој се одбележа 28 јануари – Денот за заштита на личните податоци, на кој присуствуваше и народниот правобранител Иџет Мемети.

И Трајковски и Мемети потенцираа дека во однос на заштитата на личните податоци најважна е превенцијата и оти граѓанинот мора да си ги штити личните податоци.

„Во делот на превенцијата апелираме на обврската секој граѓанин да ги штити своите лични податоци, да ја штити својата приватност. Во тоа ние можеме само да помагаме, меѓутоа како апсолутни заштитници ниту македонскиот орган за заштита на лични податоци ниту кој било друг светски орган за заштита на лични податоци не може да гарантира сто отсто на заштита на личните податоци“, рече директорот на ДЗЛП.

Во однос на случајот со неодамнешното споделување на лични податоци на студенти од Машинскиот и други факултети, Трајковски информираше дека вонредниот инспекциски надзор на овој факултет при УКИМ е во завршна фаза.

„Додека траеше надзорот се она што е алатка на законот во дел на санирање на настанатите штети веќе е преземено по наши насоки од страна на Машинскиот факултет. Останува да ги известиме сите засегнати студенти со нашите наоди за да може да си бараат одредени права во граѓанските постапки пред судовите во Република Македонија“, рече Трајковски.

Бројката на претставки што лани биле примени во ДЗЛП, како што кажа директорот, е во благ пораст што, пред се, се должи на растот на свесноста кај граѓанството во јавноста.

„Бројката е некаде 359 претставки, од кои 80 отсто отпаѓаат на повреди на социјалните мрежи, значи креирање на лажни профили на Фејсбук, и останатите 20 отсто хакирање на веќе постоечките Фејсбук профили и злоупотреба на фотографии кои се објавуваат или се користат од она што е објавено на Фејсбук. Повторно доаѓаме до тоа дека секој од нас треба да се грижи за својата приватност“, вели Трајковски.

На денот на приватноста беше презентирана Нацрт-стратегијата (2017-2020) на Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) беше посочено и дека се подготвува и нов закон за заштита на личните податоци. Трајковски најави, како што рече, активна 2017 година во пресрет на новото европско законодавство за заштита на личните податоци што треба да стапи во сила 2018 година.

Народниот правобранител Иџет Мемети истакна освен прибирањето на податоци од страна на институциите и самите граѓани генерираат голем број податоци за себе и оти од нив се формираат национални меѓународни бази на лични податоци.

„Од голема важност е промоцијата со цел подигнување на јавната свест и зајакнувањето на капацитетите на институциите за заштита на уставните и законските права на граѓаните. Според тоа, прв и неопходен чекор кој треба да се спроведе е спроведување на кампањи за подигање на свеста на граѓаните со цел превенција на злоупотреба на нивните лични податоци, обезбедување на ефикасни механизми за нивна заштита и чување, дефинирање на потенцијалните ризици при нивно пренесување, остварување координација на меѓународно ниво и усогласување на принципите за заштита на личните податоци“, рече Мемети.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП