18 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti

Сараево – Агенцијата за приватизација во Федерацијата БиХ објави јавни повици за собирање на понуди за продажба на производниот погон за чевли „Горуша“ и на фабриката за преработка на кожа и крзно „КТК Високо“. Почетната цена за „КТК Високо“ е 28.681.627 конвертибилни марки (14,66 милиони евра), а за „Горуша“ 4.256.277 конвертибилни марки (2,18 милиони евра). Рокот за поднесување на понудите за двата погона е 10 мај, а директни преговори со понудувачите ќе бидат одржани на 15 мај.

Рим – Нето профитот на најголемата италијанска нафтена компанија „Ени“ опадна во првото тримесечје од оваа година за 39 отсто на годишно ниво на 1,54 милијарди евра. Тоа е сепак подобар резултат од 1,37 милијарди евра, колку што прогнозираа аналитичарите. Корегираниот нето профит во периодот јануари-март беше 1,43 милијарди евра, во однос на 2,47 милијарди евра остварени во првото тримесечје лани.

Берлин – Германскиот хемиски и фармацевстки гигант „Баер“ соопшти дека успешно ја почнал 2013 година, со раст на профитот од 11,5 отсто, благодарение на лансирањето на нови фармацевстки производи. – За „Баер“ првиот квартал во 2013 година помина во позитивен дух. Компанијата во секторот за здравствената заштита и агрономијата имаше добар почеток. Нашите нови фармацевстки производи посебно имаа динамично темпо, изјави извршниот директор на „Баер“ Маријн Декерс. Нето профитот на групацијата во периодот јануари-март пораснал за 11,5 отсто на 1,16 милијарди евра.

Берлин – Компаниите од групацијата „Фолксваген“ се најпопуларни работодавци меѓу штотуку дипломираните инженери, покажува истражувањето на Европскиот институт за маркетинг и регрутирање.

Москва – Еден од главните канали за незаконско изнесување на средства од Русија е плаќањето во офшор зоните за неувезена стока и на тој начин лани биле изнесени 565,5 милијарди рубљи (14 милијарди евра), објави руската Ревизорска агенција, повикувајќи се на податоци на Федералната царинска управа и Федералната служба за финансиски мониторинг (Росфинмониторинг). Проверката на Ревизорската агенција и податоците на Росфинмониторинг покажуваат дека постои шема на проневера на буџетските средства со зголемување на вредноста на државните договори со користење на лажни еднодневни фирми и разликата во цените во офшор.

Њујорк – Најголемиот американски производител на бела техника „Вирпул“ во првото тримесечје од оваа година оствари 2,7 пати поголем профит во однос на првите три месеци лани, од 252 милиони долари или 3,12 долари по акција. Од јануари до крајот на март лани, нето профитот на „Вирпул“ бил 92 милиона долари или 1,17 долари по акција. Приходите во првите три месеци од оваа година се намалени за 2,3 отсто на 4,25 милијарди долари, во однос на 4,35 милијарди лани.

Москва – Указот за основање на заедничка компанија на руската „Росњефт“ и на Венецуелската корпорација за нафта (ЦВП), фирма-ќерка на венецуелската петрохемиска компанија ПДВСА, официјално стапи во сила со објавување во Службниот весник на Венецуела. Како што соопшти „Росњефт“, рускиот гигант во заедничката компанија ќе поседува 40 отсто, а ЦВП 60 проценти. На почетокот на април договорот за основање на заедничката руско-венецуелска компанија го ратификуваше Народното собрание на Венецуела.

Токио – Јапонскиот електронски гигант „Сони“ двојно ја зголеми прогнозата за профитот за изминатата фискална година, откако послабиот јен и продажбата на активата поттикнаа раст на заработката. Новата прогноза за профитот за претходната фискална година, која зарши на 31 март 2013 година, е значително зголемена на 40 милијарди јени (430 милиони долари) од претходната проценка од 20 милијарди јени. Слабењето на јенот во последните неколку месеци, кој од ноември изгуби една петтина од вредноста во однос на доларот, им оди во прилог на јапонските извозници, бидејќи ги прави нивните производи далеку поконкурентни и ја зголеми вредноста на нивниот профит во странство.

Москва – Приоритет на властите во Русија е економијата на државата да ја префрли на иновативен пат на развој, но тоа не е лесно при високите цени на нафтата, изјави рускиот претседател Владимир Путин, одговарајќи на телеконференцијата на прашања на поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин. Путин истакна дека целта на руската економија е да ја намали зависноста од цените на нафтата. – Основата на нашата економска политика нема да се менува. И во иднина, пред се ќе обрнеме внимание на макроекономските показатели и ќе се ориентираме на реалната економија на задоволување на социјалните потреби на населението, рече претседателот на Русија.

Берлин – Германската економија, според прогнозите на владата, ќе зајакне за 0,5 отсто од БДП во 2013 година, односно со побрзо темпо во однос на претходните прогнози од 0,4 отсто, објави германскиот министер за економија Филип Реслер преку Твитер. Истовремено, официјален Берлин останува при својата прогноза дека растот во 2014 година ќе биде 1,6 отсто, додаде министерот. – Можеме да гледаме на иднината со оптимизам. Растот на економијата се забрзува, а невработеноста се намалува, напиша Реслер на Твитер.

Загреб – Во Хрватска во следните две години ќе бидат приватизирани над 400 компании. Ова е предвидено со стратегијата за управување и располагање со државниот имот која ја усвои хрватската Влада. Вредноста на државниот имот, според проценти изнесува 32 милијарди евра, но од неа државата има само 300 милиони евра приходи. Со ефиксано управување, но и со продажба на компаниите кои не се од стратешки интерес или не остваруваат профит, Владата има намера да го зголеми тој профит. По продажбата на компаниите, секоја година ќе се изработуваат планови за управување со имотот.

Лондон – Велика Британија во првото тримесечје од оваа година избегна рецесија, но стопанскиот раст во однос на претходниот квартал беше минимален и нешто поголем од прогнозите на економистите, покажуваат официјалните статистички податоци. Податоците на британскиот Национален статистички завод покажуваат дека во првите три месеци, во однос на последниот лански квартал е остварен минимален стопански раст од 0,3 отсто, според очекуваните 0,1 отсто. Инаку, британското стопанство во првите три месеци од оваа година имаше раст од 0,6 проценти, ако се спореди со стопанската активност остварена во истиот лански период, што е најголем раст на островската економија од крајот на 2011 година.

Минхен – Германската „Минхен Ре“, најголемата светска осигурителна компанија, објави дека за првиот кварттал од оваа година остварила профит од околу милијарда евра. Тоа е овозможено со умереното зголемување на цените на услугите и немање на поголеми природни катастрофи. – Почетокот на оваа година беше добар за „Минхен Ре“. Наспроти големата понуда и силната конкуренција на пазарот, компанијата успеа да постигне благо зголемување на тарифите, изјави директорот на „Минхен Ре“, Николаус фон Бомхард на Годишното собрание на акционери.

Пекинг – Пекинг се согласи да купи 60 авиони на „Ербас“, во рамки на меморандумот за разбирање кој го потпишаа претседателите на Франција и Кина, Франсоа Оланд и Сји Џинпинг. Најголем број од авионите ќе бидат произведени во фабриката на „Ербас“ во кинескиот град Тјенџин, кој е оддалечен 150 километри од Пекинг.

Далас – Американскиот нафтен гигант „Ексон Мобајл“ соопшти дека во првиот квартал ја зголемил заработката, иако приходите и производството на нафта и гас се намалени. „Ексон“, кој неодамна од „Епл“ ја презема позицијата на најголема американска компанија според пазарната вредност, во првите три месеци од оваа година оствари профит од 9,50 милијарди долари, во однос на 9,45 милијарди од истиот период лани. Приходите на фирмата од Тексас истовремено се намалени за 12,3 отсто на 108,8 милијарди долари.

Берн – Швајцарскиот производител на компјутерска опрема „Логитек“ во изминатата фискална година, што заврши на 31 март, работеше со нето загуба од 228 милиони долари, додека пред една година остварил нето профит од 71 милион долари. Приходите од продажбата на оваа мултинационална компанија во истиот период изнесуваа околу 2,1 милијарда долари, што е пад од 9,4 отсто на годишно ниво. Во соопштението на компанијата се наведува дека активностите на „Логитек“ на регионално ниво почнале да се стабилизираат, со исклучок на европскиот, блискуисточниот и африканскиот пазар.

Париз – Вториот по големина француски производител на автомобили, компанијата „Рено“ во првото тримесечје од оваа година оствари приходи од продажбата во вредност од 8,3 милијарди евра, што е намалување од 11,8 отсто на годишно ниво. Како причина за ваквиот пад на приходите, компанијата во соопштението го наведе поголемиот пад на европскиот пазар од очекуваниот. Групата сепак очекува за оваа година јакнење на пазарните позиции на главните пазари, благодарение на успехот на новите модели на возила, како и растот на странскиот пазар.

Загреб – Хрватскиот министер за туризам Дарко Лоренцин изјави дека целта на државата до 2020 година е Хрватска да биде позиционирана меѓу 20 најконкурентни туристички земји во светот и најави рамномерен туристички развој на целата држава. За да се постигне таа цел потребни се 7 милијарди евра инвестиции за подобрување на структурата и квалитетот на сместувањето, за изградба на нови содржини во камповите и за подобрување на квалитетот на семејното сместување, укажа тој. Претставувајќи ја Стратегијата за развој на туризмот до 2020, Лоренцин истакна и дека намера е да се отворат околу 30.000 нови работни места, од кои 20.000 директно во туризмот, а остатокот во останатите услужни дејности.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП