Две третини од Французите сметаат дека таа земја нема да излезе од кризата пред крајот на 2015 година, а најголем песимизам покажуваат младите.
Податокот дека речиси 66 проценти од граѓаните на Франција негативно го проценуваат развојот на економската ситуација во земјата сведочи за пораст на песимизмот, со оглед на тоа дека во ноември 2012 година таков став имале 49 проценти од граѓаните, покажува најновото истражување на истражувачкиот центар ЦСА.
Според резултатите од истражувањето, еден процент од анкетираните веруваат дека земјата ќе излезе од криза до крајот на тековната година, седум проценти сметаат дека тоа ќе се случи во 2014 година, 16 проценти во 2015 година, 10 проценти немаат став, а 66 проценти од испитаниците предвидуваат дека подобрување во економијата ќе биде забележано подоцна.
Што се однесува на старосните групи, младите од 18 до 24 години изразиле најголем песимизам, така што дури 78 проценти од нив оценуваат дека кризата нема да помине пред крајот на 2015 година, додека таков став делат и 62 проценти од испитаниците на возраст од 50 до 64 години.