17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадоначалникот Трајановски со отчет за 2016 – сообраќајот останува приоритет и оваа...

Градоначалникот Трајановски со отчет за 2016 – сообраќајот останува приоритет и оваа година

Otcet-Trajanovski-2016-696x440

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски во вторник одржа конференција за печатот на која даде отчет за реализираните проекти во 2016 година.

Според Трајановски, изминатата 2016 година беше успешна за Градот Скопје, година во која се реализирани голем број капитални проекти во сите 10 општини на територијата на Скопје.

„Во Општина Кисела Вода во 2016 година ја започнавме реконструкцијата и проширувањето на третата фаза на бул. Борис Трајковски, на потег од Стаклара до влезот на Пинтија, проект кој целосно ќе се реализира оваа година. Во 2016 година го започнавме и проектот за пробивање на бул. Србија до ул. Христо Татарчев, чија реализација ќе биде завршена оваа година. Во 2016 година ја реконструиравме улицата Народни Херои. За оваа 2017 година е предвидена изградба на улицата Есенинова, која ќе ги поврзе Кисела Вода и Аеродром“, рече Трајановски.

Понатаму појасни дека во општина Аеродром во 2016 година се започнати два капитални проекти кои се уште се реализираат, а тоа се изградбата на бул. АСНОМ и втората фаза од проектот за реконструкција и проширување бул. Трета македонска бригада.

„Во 2016 година го изградивме и паркот кај последната автобуска станица број 5, кој се простира на 100.000 квадратни метри и е најголемиот парк во Скопје по Градскиот парк. За 2017 година е предвидена реконструкција и проширување на ул. Васко Карангелевски“, истакна Трајановски.

Понатаму додаде дека во Гази Баба во 2016 година е изграден најголемиот кружен тек во Скопје, помеѓу улиците 16 Македонска бригада и Коце Металец.

„Го изградивме натпатникот на бул. Александар Македонски помеѓу населбите Инџиково и Хиподром, а ја завршивме и првата фаза од проектот за проширување на улица Маџари. Во 2017 година е предвидена реконструкција и проширување на бул. Александар Македонски од Агросервис до клучка Дијамант“, рече Трајановски.

„Во Општина Чаир во 2016 година ја започнавме реконструкцијата на бул. Христијан Тодоровски Карпош во делот на Чаир, на потегот од булеварот Џон Кенеди до улицата Рокомија, која ќе заврши оваа година. Во тек се градежните работи за изградба на атмосферска канализација на улиците Џон Кенеди и Кемал Ататурк. Во 2017 година ќе започне реализацијата на проектот за проширување на улицата Никола Карев“, подвлече Трајаносвки.

Скопскиот градоначалник се осврна и на активностите во Општина Бутел во 2016 година, каде започна изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, на потегот од крстосницата со булеварот Босна и Херцеговина до улицата Натанаил Кучевишки (прва фаза), која ќе заврши оваа година.

„Минатава година ја завршивме изградбата на атмосферската канализација на улица Боца Иванова, додека за 2017 година е предвидена реконструкција на дел од улицата Александар Ударевски“, рече Трајановски.

Тој уште додаде дека во општина Шуто Оризари во 2016 година е завршен капиталниот проект за изградба на нов водоснабдителен систем во општината Шуто Оризари, додека за 2017 година ќе се изгради нова атмосферска канализација по должината на улицата Индира Ганди.

„Во општина Ѓорче Петров во 2016 година заврши пробивањето на бул. Партизански одреди од кружниот тек кај Порта Влае до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“, со што овој булевар е изграден во целата негова предвидена должина. Во 2016 година се прошири и проби улицата Борис Сарафов, како и дел од улицата Ѓорче Петров“, истакна Трајановски.

Појасни дека во Општина Сарај во 2016 година целосно се реконструирани улицата број 5, како и главната улица во Шишево, а е започната и реконструкцијата на првиот дел од главната улица во Сарај, која ќе заврши оваа година. Плановите се во 2017 година да започне реконструкцијата на вториот дел од улица Сарај, како и главната улица во село Глумово.

„Во Општина Карпош во 2016 година ја започнавме изградбата на фекалниот колектор по должината на бул. Партизански одреди, на потег од ул. Московска до бул. 8 Септември, како и проширувањето на крстосницата помеѓу бул. Митрополит Теодосиј Гологанов и улицата Васил Чакаларов, чии реализации ќе завршат оваа година. Минатата година го изградивме и третиот дел од паркот Македонија, кој е лоциран спроти студентскиот дом Гоце Делчев. Во 2017 година ќе започне изградбата на кружниот тек на бул. 8 Септември кај Хубо Маркет“, рече Трајановски.

„Во Општина Центар во 2016 година ја започнавме првата фаза од проектот за реконстуркција и проширување на улицата Тодор Александров, која треба да заврши оваа година, додека за 2017 година е планиран почетокот на проширувањето на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов од крстосницата со бул. Свети Климент Охридски до турбо кружната крстосница кај Католичката црква“, кажа градоначалникот Трајановски.

Покрај овие проекти, градоначалникот Трајановски се осврна и на инвестициите во преостанатите сфери, како што се образованието, екологијата, културата, спортот, социјалата и други области.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП