5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: нов или стар автомобил – опции, предности и недостатоци

Анализа: нов или стар автомобил – опции, предности и недостатоци

koli

Пазарот на автомобили стагнира. И кај новите и кај половните. На интернет огласниците се нудат над 50.000 коли, а импортерите излегуваат со промоции. Дали е време да го подновите возниот парк и со каква кола? На ниво на Европа најпопуларни половни возила се Kia и Skoda, кај нас на врвот и натаму е Volkswagen.

Намален обем на работа за импортерите

Увозниците на нови автомобили подолго се жалат дека имаат намален обем на работа. Откако пред речиси 6 години беше олеснето внесувањето на употребувани коли нивниот бизнис постојано одел во надолна линија.

„До пред 5-6 години продававме и над 2 илјади нови автомобили од брендовите кои ние ги застапуваме, а сега едвај достигнуваме 200 до 300. Главен удел во тоа има влезот на половни коли кои дури и не ги исполнуваа минималните еколошки барања, но влијание секако има и презаситеноста на пазарот и стандардот на граѓаните“ објаснуваат во една од поголемите компании за увоз на автомобили.

Сепак, бизнисмените од овој сектор се надеваат на подобри времиња. Велат ново си е ново, а купувачите полека го сфаќаат тоа, барем оние што можат да си го дозволат. Најавуваат и нови пролетни промоции.

Огласниците и плацовите преполни

Само online се активни над 50.000 огласи – Yugo од 80-те може да се најде за 300 евра, а Ford од 90-те за 700. Секако има и луксузни возила кои чинат 10 до 15 илјади евра.

Од друга страна, само во Скопје има десетици плацови кои директно продаваат половни увезени автомобили.

„Последниве години работата е драстично опадната иако цените се пониски. Во просек продаваме по 2 до 3 автомобили месечно. Најмногу се трошат моделите кои чинат од две до три илјади евра, тоа е некој просек, тоа е сумата која може да си ја дозволи нашиот народ“, вели во неврзан разговор сопственик на еден од плацовите за половни автомобили. Никој од нив не сака да даде официјална изјава и став, дури не ни открива зошто не коментира за медиумите.

Освен на некој од плацовите, автомобил може да се најде и на импровизираниот авто пазар кој секоја недела функционира во скопско Маџари. Тука најчесто се нудат моделите кои чинат три до четири илјади евра.

Построги критериуми за увоз на половини возила

Веќе половина година се во сила построгите критериуми за увоз на половни возила. Од 1 јули се забрани внес на автомобили со ЕУРО 3 стандард односно постари од 2005-та година. 30-ти јуни беше последниот ден мораше да се завршат сите процедури.

За да се регистрира увезеното возило треба да ги исполнува хомологациските услови. Царинската постапка се спроведува и давачките се плаќаат пред да се изврши техничкиот преглед. При царинење неопходна е оригинална сообраќајна книшка и изјава за вредност ако возилото подолг период е сопственост на увозникот или купопродажен договор, фактура и слично. За да може да се утврди царинската вредност, потребно е да се достават податоци за патнички возила: вид, марка, модел, тип на возило, погонско гориво, број на врати, година на производство, работна зафатнина на моторот, силина на моторот и слично. Дури потоа се оди на технички преглед и возилото добива македонски таблички.

2016: увезени 5.000 нови и 26.000 стари автомобили

Според податоците на Царинската управа во текот на цела 2016-та биле увезени вкупно 30.916 автомобили; од нив само 5.027 биле нови, а 25.889 половни. Има драстична разлика меѓу првото и второто полугодие односно пред и по 1 јули кога беа воведени новите правила. Така во периодот јануари – јуни биле увезени 16.675, а во периодот јули – декември само 9.214. Најмногу стари коли, 3.998, влегле токму пред воведувањето на построгите барања, односно во јуни .

Според царинската статистика во 2015-та увозот се состоел од 23.196 половни и 4.244 нови автомобили, во 2014-та од 29.558 стари и 3.052 нови.

Најмногу стари коли влегле во 2010-та, дури 51.399, тоа е годината кога беа либерализирани условите за внес.

Најдобри половни автомобили за 2017-та

Британскиот специјализиран сајт за купување автомобили, carbuyer.co.uk, направи листа на најдобрите половни автомобили за годинава споредувајќи ги цените и перформансите.

На првото место е Kia Cee’d, а потоа следат Skoda Yeti, Dacia Duster, Ford Focus, SEAT Leon, Nissan Leaf.

Сепак, за македонски услови, барем според познавачите, најдобра е инвестицијата во германски марки особено серијата на Volkswagen која најмногу држи цена и која има достапни резерви делови и евтин сервис.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП