27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд денес пензионерите можат да се пријават за користење на бесплатна бања...

Од денес пензионерите можат да се пријават за користење на бесплатна бања и туристички викенд

mkd-102543

Сите корисници на пензија од денеска до 20-ти февруари 2017 година, ќе можат да поднесат барање за користење на бањско-климатска рекреација или бесплатен туристички викенд во филијалите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Како што во понеделник информираше министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, проектите “Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија” и “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија”, продолжуваат и во 2017 година.

“Образецот на барањето го има во филијалите на Фондот на ПИОМ и на веб страницата на Фондот на ПИОМ. Доколку корисникот на пензија користи и пензија од друга држава со која Република Македонија применува договор за социјално осигурување, задолжително доставува потврда од банка за износот на странската пензија. Доколку корисникот на пензија користи паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и слепило или додаток за глувост нема потреба да доставува потврди за користење на овие права бидејќи ќе се врши проверка преку електронска размена на податоци меѓу институциите”, рече министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Инаку, повикот за користење на услугите ќе биде објавен на веб страниците на Министерството и на Фондот на ПИОМ, а ќе се емитува и на Македонската радио телевизија. Услугата, пак може да се користи еднаш во период од март до ноември 2017 година, во траење од седум дена.

Услугата на “Бањско климатска рекреација” опфаќа шест полни пансиони, бањска терапија, задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта по завршување на користење на услугата. Лицата корисници на пензија коишто користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација. Корисниците на пензија коишто ја искористиле услугата во претходните три години немаат право да ја користат оваа услуга во 2017 година.

Министерството за труд и социјална политика за овие два проекти во Буџетот за 2017 година обезбеди финансиски средства во висина 46 милиони денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП