Според податоците на Годишниот статистички билтен, прометот на Македонската берза во 2016 година се зголемил за 13,64 отсто во однос на 2015 година. Се свртеле вкупно 3 милијарди 23 милиони 394 илјади 172 денара, односно нешто повеќе од 49 милиони евра.
На официјалниот пазар е остварен 73 отсто од прометот, додека со 21,35 отсто учествуваат блок трансакциите. Во текот на 2016 година вкупно биле реализирани 12.933 трансакции, што е за 8,93 отсто повеќе во однос на претходната година.
Анализирано по месеци, најголем промет е остварен во ноември или над 439 милиони денари или 14,53 отсто, па него следуваат јуни со 334,67 милиони денари или 11,07 отсто од прометот и декември со речиси 310 милиони денари, односно 10,25 отсто од вкупниот промет на Берзата се реализирани во последниот месец од годината.
МБИ10 индекосот 2016 година ја финиширал со вредност од 2.135 поени што е за 16,45 отсто повисока од вредноста во 2015 година.
Кај ОМБ, индексот што се однесува на обврзниците, е регистриран пад од 0,43 отсто.