На Македонската берза за хартии од вредност особен беше интересот на вложувачите за акциите на две домашни банки, со кои беше остварен над половина од обемот од тргувањето во вторникот.
Акцијата на Комерцијална банка АД Скопје и акцијата на Стопанска банка АД Битола остварија поединечен промет од над пет милиони денари.
Беа истргувани вкупно 1.895 акции од Комерцијална банка Скопје, по просечна цена од 3.000,49 денари преку 26 трансакции, и количество од 4.135 акции од Стопанска банка Битола по просечна цена од 1.300 денари преку 6 трансакции.
Заедно имаа учество од 50,9 проценти во вкупниот промет остварен на Берзата од 21.724.935,88 денари.
На листата на „милионерите” се запишаа уште три акции, и тоа на Алкалоид АД Скопје со промет од 3,6 милиони денари, на Стопанска банка Скопје со промет од 1,4 милиони денари и на Прилепска пиварница Прилеп со промет од 1,04 милион денари.
Во текот на денот се тргуваше со вкупно дваесет и две хартии од вредност, индексот МБИ-10 забележа раст од 0,31 отсто и заврши на вредност од 2.225,03 индексни поени.
Иако беше реализирана една трансакција со обврзниците РМДЕН15, индексот ОМБ остана на претходната вредност од 128,20 индексни поени.