20 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОбјавен биографски роман за нобеловката Марија Кири и нејзината помошничка

Објавен биографски роман за нобеловката Марија Кири и нејзината помошничка

Kniga-za-Blansh-i-Mari-696x521

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува објавувањето на романот „Книга за Бланш и Мари“ од шведскиот писател Пер Улов Енквист, во кој еден од централните ликови е познатата хемичарка Марија Кири Склодовска.

Преводот на македонски е на Искра Бадева.

Кратко време пред Марија Кири да стане првата жена добитничка на две Нобелови награди, една од асистентките во нејзината лабораторија, Бланш Витман, преживеала три ампутации, ги изгубила левата рака и двете нозе поради радиоактивните материјали на кои била изложена. Бланш само што се вратила кај Мари од болницата „Салпетриер“, каде што своевремено била буквално пациент ѕвезда. Бланш била „кралица на хистеријата“, една од жените што биле бесплатно прегледувани од страна на познатиот доктор Жан Мартен Шарко. Тој предизвикувал кај нив напади на грчење со притискање на одредени места на телото – за што, се претпоставува, имал одредена шема. Потребата да го притисне, на пример, грлото на матката објаснува зошто жените морале да бидат разголувани. Сите ги доживувале овие смотри на хистеријата, кои биле колку насилни толку и запрепастувачки креативни, мошне сериозно, дури и тогашниот асистент на Шарко, младиот Зигмунд Фројд.

Ова е навистина моќна приказна, можеби мислите дека е доволна да се напише најмалку една книга – но Енквист оди понатаму, преку Бланш, како врховна жртва, го воведува ликот на Марија Кири, која всушност најмногу и го интересира.

Овој контроверзен роман дава сосема нови податоци за некои од најголемите имиња од светот на науката на минатиот век, а според Индепендент – „Ова е историја на интелектот осветлена од молњата на експресионизмот“.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Пер Улов Енквист (1934), познат и како П.У. Енквист, е еден од најистакнатите шведски писатели на меѓународно рамниште. Дипломирал книжевна историја, по што работел како колумнист во весник и како модератор во телевизиски дебатни емисии. Неговото пишување го направило влијателна личност на шведската книжевна сцена. Во 1970-тите живеел во Берлин и во САД. Од 1977 година е самостоен уметник писател. Добитник е на највисоки книжевни признанија. Една од најзначајните книжевни награди во Скандинавија го носи токму неговото име.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП