22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАOPEC започна со намалување на производството, цените на нафтата над 56 долари

OPEC започна со намалување на производството, цените на нафтата над 56 долари

rusija-nafta

Цените на нафтата скокнаа на меѓународните пазари во четвртокот над нивото од 56 долари за барел, поткрепени од извештаите на клучните членки на Организацијата за земјите извознички на нафта (OPEC) дека започнале со намалувањето на производството, а дополнителна поддршката дадоа и прогнозите за силниот раст на побарувачката во Кина.

На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за еден долар во однос на претходното затворање на тргувањето, на 56.20 долари. Во средата на ICE лондонскиот пазар сировата нафта го затвори тргувањето во плус од 1,46 долари. На американскиот пазар, пак, во четвртокот се тргуваше по 95 центи повисока цена, од 53,20 долари, откако во средата го затвори тргувањето во плус од 1,43 долари.

Одвоено OPEC во четвртокот објави дека цената барел референтна кошничка негова нафта во средата изнесувала 50,98 долари, што значи дека била 48 центи пониска отколку претходниот трговски ден.

Нафтените пазари пораснаа во средата во попладневното тргување по прес-конференцијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, поткрепени со чувствително послабиот американски долар, што ја јакне куповната моќ на имателите на другите валути, а со тоа и побарувачката на нафта, имајќи предвид дека нејзините цени се искажани во американската валута. Дополнителна поддршка на нафтените пазари им даде веста дека Саудиска Арабија го намалува извозот на нафта за азискиот пазар.

И во четвртокот OPEC беше во фокусот на интересот, особено конкретните сигнали дека членките се подготвуваат да го намалат производството, како и што беше договорено во ноември 2016 година. Производството во координација со неколкуте водечки производители надвор од картелот, вклучително и Русија, би требало да биде намалено за околу 1,8 милиони барели дневно, за да се намали прекумерното снабдување на пазарите што повеќе од две години ги држеше цените на ниски нивоа.

„Сé е концентрирано на реализацијата на договорот на ниво на OPEC, која според сé судејќи напредува според планот“, вели за Reuters Бјарне Шоелдроп од норвешката компанија „SEB Markets“.

Саудискиот министер за енергетика Калид ал-Фалих во четвртокот изјави дека договорот на OPEC ќе го забрза ребалансот на пазарот на нафтата и дека цените на нафтата ќе реагираат на тој тренд во текот на годината.

„Во прв ред треба да се истакне дека ситуацијата на пазарот е извонредно добра“, истакна ал-Фалих на прес-конференцијата во Абу Даби. Додаде дека оваа година глобалната побарувачка на нафта ќе порасне за повеќе од милион барели дневно, а пазарот ќе ја избалансира понудата и побарувачката во следните две до три години.

Кувајтскиот министер за нафта, Есам ал-Марсук, истакна на истата прес-конференција, без да наведува поединости, дека производството во неговата земја веќе е намалено повеќе отколку што ветиле според договорот на OPEC.

Ирачкиот министер за нафта, Забар Али ал-Луаиби, изјави за новинарите дека неговата земја се „надева на подобра цена“ на нафтата. Ирак го намалил производството за 170.000 барели дневно, а оваа седмица треба да го намали за дополнителни 40.000 барели дневно, според ал-Луаиби.

Во компанијата „BMI Research“ истакнуваа дека општо гледано „изгледа дека договорот за намалување на производството на ниво на OPEC и земјите надвор од OPEC се почитува… Пресметавме дека степенот на почитување на договорот е на ниво од околу 73 отсто“, во што предничат земјите членки на Советот за соработка во Персискиот залив – Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Катар, Бахреин и Оман.

Дополнително цените на нафтата ги поткрепи и рекордната продажба на автомобили во кина во 2016 година. Продадени се 28 милиони, дури 13,7 отсто повеќе отколку во претходната 2015 година.

Во државната нафтена компанија „China National Petroleum Corp“ (CNPC) проценија во четвртокот дека кинескиот нето увоз на нафта во 2017 година ќе порасне за 5,2 отсто, на 396 милиони тони, или околу 8 милиони барели дневно, одразувајќи го зголеменото трошење на горива во земјата. Побарувачката на сирова нафта ќе достигне рекордни 594 милиони тони, или околу 12 милиони барели дневно, соопштија од CNPC.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП