Американскиот долар денеска се лизна во однос на кочницата валути на меѓународните пазари на најниските нивоа во последните три седмици, а откако кинескиот јуан силно скокна кон доларот, потресувајќи ги валутните пазари и поттикнувајќи добитни продажби на американската валута.
Во таквата атмосфера на пазарите индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската кон другите шест главни светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД, се лизна на 101,86 бодови, најниското ниво во последните три седмици, само два дена откако го достигна новото највисоко ниво во последните 14 години од 103,82 поени, по објавувањето на податоците за силните активности во американскиот производствен сектор.
Во фокусот во четвртокот беше кинескиот јуан кој оствари во однос на доларот најголема дводневна добивка откако со него се тргува на меѓународните пазар, од 2010 година, а неговиот скок го поткрепи растот на прекуноќните трошоци на задолжувањето на меѓубанкарскиот пазар во Хонгконг на 96 отсто. Острото јакнење на јуанот, пак, од своја страна покрена бран на добитни продажби на доларот.
Во тргување од утрото на европските пазари јуанот беше во добивка малку помала од 1 отсто во однос на доларот, и сега е речиси 3 отсто над ниските нивоа на кои се симна во вторникот.
Еврото во таквите околности во азиското тргување накусо зајакна за 0,7 отсто кон доларот, на 1,0563, по што неговиот подем спласна па набрзо по почнувањето на работата на европските пазар се стабилизираше во позитивната област од 0,3 отсто во однос на затворањето од тргувањето во средата.
Доларот кон јапонскиот јен ослаби за 0,8 отсто, на 116,32 јени. Претходно во еден момент доларот се лизна за повеќе од 1 процент во однос на јенот.
Кога станува збор за подемот на доларот, иако не му појде токму од рака од средината на декември позначително да му се приближи на паритетот со еврото и да достигне 120 јени, меѓу учесниците на пазарите се јавија одредени сомневања во поглед на неговото натамошно јакнење, барем во периодот пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 20-ти јануари.
„Некои учесници на пазарите сметаат дека залетот кој се поврзува со Трам веќе е завршен. Други, пак, сметаат дека вистинскиот подем допрва следува откако Трамп ќе ја преземе должноста“, толкува за Reuters директорот на одделов за валути во банката „Societe Generale“, Кијосуке Сузики, додавајќи дека не е јасно кои на пазарите ќе биде следната тема.