21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкок на цените на нафтата на првиот работен ден

Скок на цените на нафтата на првиот работен ден

oil

Цените на нафтата скокнаа во вторникот, првиот ден од тргувањето во новата година, над нивото од 58 долари, поткрепени од очекувањата дека договорот за намалување на производството, кој стапи на сила на 1-ви јануари, ќе го намали прекумерното снабдување.

Барелот нафта на лондонскиот пазар поскапе за 1,25 долари во однос на затворањето на тргувањето на крајот од последниот работен ден во старата година, и со него се тргуваше по 58,07 долари. Накусо достигна и 58,37 долари, што е највисокото ниво од јули 2015 година.

На американскиот пазар со нафтата во вторникот се тргуваше по 54,95 долари, откако цената на барелот накусо достигна 55,24 долари, што е исто така најголемото ниво во последните 18 месеци.

Од Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) поради новогодишните празници во вторникот не ја објави најновата цена на барелот. Последниот ден од тргувањето минатата година барелот достигна 53,30 долари, според официјалната страница на картелот чие седиште е во Виена.

Од 1-ви јануари стапи на сила договорот на земјите членки на OPEC и клучните независни производители, како Русија, за намалување на производството за речиси 1,8 милиони барели дневно.

„Првите знаци наведуваат на заклучокот дека договорот за намалување на производството меѓу OPEC и земјите надвор од нафтениот картел будат надежи дека вишокот во понудата на нафтата на глобалниот пазар ќе биде намален“, вели за Reuters Ханс ван Клеф, виш економист за енергетика во банката „ABN Amro“.

Неговото размислување го споделува и аналитичарот во компанијата „CMC Markets“, Рик Спунер, според кого: „Пазарите ќе бараат неофицијални потврди за намалувањето на производството. Најверојатното сценарио е дека производители од OPEC и надвор од групата ќе го почитуваат договорот, особено во почетната фаза“.

Вложувачите многу внимателно ќе го следат OPEC, за да утврдат дали се придржуваат членките на картелот до ветувањата за намалување на производството.

„Доколку 2016-та беше година на зборовите, 2017 година мора да биде година на делата“, накусо ги коментира очекувањето на пазарите Тамаш Варга, виш нафтен аналитичар во лондонската брокерска компанија „PVM Oil Associates“.

Либија, заедно со Иран, е изземена од договорот за кастрење и според изјавите на функционерите на нејзината државна компанија, го зголемила дневното производството на 685.000 барели, од околу 600.000 барели дневно во декември.

Русија, пак, соопшти дека производството во декември се задржало на 11,21 милиони барели дневно, близу највисокото ниво во последните 30 години, порачувајќи сепак дека се подготвени да го намалат производството за 300.000 барели дневно во првата половина на 2017 година во согласност со преземените обврски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП