30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветот ја дочекува Новата 2017-та

Светот ја дочекува Новата 2017-та

ng333

Милијарди луѓе во светот на плоштадите во своите градови, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови или во семејна атмосфера во домовите, ќе ја испратат 2016-та и ќе ја дочекаат Новата 2017-та година.

Град Скопје ја откажа традиционалната новогодишна прослава што требаше да се одржи на плоштадот „Македонија“. Околу два милиона денара кои беа планирани за организирање на пречекот, ќе бидат донирани во социјални цели.

Сепак, предвидената програма за најмалите се одржува на улицата „Македонија“. Во 10 часот беше изведена претставата „Брашко“. Понатаму се организираат детски игри, магично шоу со Иван, новогодишна парада и дефиле на Снежната кралица. Дедо Мраз пристигна во 11.15 часот на новогодишниот базар „Подари среќа“ на улицата „Македонија“ и се приклучи на новогодишната парада. Децата можеа да се дружат со него и со неговите помошници. Во 12.30 часот има „Christmas mix“ со City Radio.

Новогодишна прослава вечер ќе има на скверот „Јадран“ во организација на општина Центар. Забавата наречена „Град во градот 4“ ќе почне од 22 часот. На бината ќе се појават легендарните хип-хоп артисти од САФ, бендот „Филм“ на Јура Стублиќ и „Забрането пушење“.

Главниот град во пресрет на празниците е украсен со декоративни елементи и специјално осветлување. Централната новогодишна елка која е поставена на плоштадот „Македонија“ е висока 21 метар, и е осветлена со неколку илјади светилки и светлосни фигури, а ќе свети во различни бои.

Годинава првпат плоштадот „Македонија“ е декориран и со светлосна фонтана и со светлосен тунел. Декорирањето го чини Град Скопје 12 милиони денари, а за новогодишното украсување беше задолжена фирмата „Линк медиа“.

Градските власти и полицијата апелираат граѓаните да се воздржат од употреба на петарди за време на празниците.

Новата 2017-та година први ќе ја пречекаат жителите на тихоокеанските острови Тонга, Кирибати и Самоа. Последни ќе ја испратат 2016-та жителите на Американска Самоа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП