24 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтратфор: Светот во 2017-та година ќе се најде на трнлив пат

Стратфор: Светот во 2017-та година ќе се најде на трнлив пат

money7333

Заострувањето на монетарната политика во САД и силниот американски долар ќе ја потресат глобалната економија, а најмногу ќе бидат погодени земјите во раст со висок удел на долгот деноминиран во долари, прогнозира американската агенција Стратфор.

Меѓу земјите што силниот долар најмногу ќе ги загрози се Венецуела, Турција, Јужна Африка, Нигерија, Египет, Чиле, Бразил, Колумбија и Индонезија, наведува агенцијата во својата прогноза на економските движења во следната година.

Притисокот на јуанот и упорното опаѓање на девизните резерви истовремено ќе ја натера Кина да ја засили контролата на одливот на капитал.

Цените на суровата нафта, според проценката на Стратфор, умерено ќе закрепнуваат во 2017 година, во еден дел благодарејќи на договорот на мнозинството водечки производители во светот, „но ниту една земја нема во целост да се придржува до бараното намалување на производството на нафта“.

Темпото на закрепнување на северноамериканското производство на нафта од шкрилци ќе биде примарен фактор што ќе влијае врз Саудиска Арабија во поглед на политиката на продолжување и поголемо кастрење на производството на нафта следната година.

Додека на северноамериканските производители ќе им биде потребно време да одговорат на закрепнувањето на цените и да го зголемат пумпањето, Саудиска Арабија, тврди Стратфор, знае дека позначителен раст на цените на нафтата е малку веројатен.

„Тоа значи дека Саудиска Арабија активно ќе интервенира на пазарите во 2017, за да ја задржи економијата на патот на повторно урамнотежување на испораките, посебно во светло на планот на продажбата на пет отсто од акциите во националниот нафтен гигант Aramcо во 2018 година“, се вели во анализата на Стратфор.

Понатаму се смета дека повисоките цени на нафтата ќе донесат олеснување на производителите на „црното злато“ во светот, но тоа може да биде премалку и предоцна за земја како економски уништената Венецуела.

„Заканата од банкрот што се надзира и острото намалување на увозот на основни производи заради отплата на долгот, ќе иницира социјални немири во Венецуела и ќе го открие веќе длабокиот раздор меѓу припадниците на владејачката партија и оружените сили“, вели анализата на Стратфор.

Развиените пазари исто ќе забележат значителна промена во 2017, која ќе биде година во која ќе се врати инфлацијата, предвидува Стратфор и додава дека тоа ќе биде причина централните банки да ги напуштат неконвеционалните политики и да наложат мерки на монетарно заострување.

„Деновите кога централните банки ги преплавуваа пазарите со готовина се ближат кон својот крај. Товарот сега ќе падне врз луѓето што ја креираат фискалната политика, а државната потрошувачка ќе го замени печатењето пари како примарен мотор на економскиот раст.

Пазарите, кои во последно време беа мирни и стабилизирани, што е резултат на обилната ликвидност и млаката реакција на политичките немири, ќе бидат многу нестабилни во 2017 година. На сите закани во 2017 година, од турболенциите во еврозоната до можни ескалации на трговските кавги, инвеститорите би можеле драматично да реагираат, се предупредува во прогнозата и предвидува дека значителното нишање на цените на активата, какво што беше забележано во првите два месеца во 2016 година, лесно би можело да се случи во повеќе епизоди во 2017 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП