Годината која изминува мина во знакот на младите македонски фудбалери, кои обезбедија пласман на Европското првенство. Во 2016-та шахистите на Алкалоид станаа европски шампиони, одбојкарите го задржаа трендот на добри резултати, кошаркарите се изрезилија и не успеаја да се пласираат на наредното ЕП. Поединечно годината беше успешна за Лина Ѓорчевска, Кире Лазаров, Дејан Недев, Томи Стефановски.
Одбојкарската репрезентација продолжи со низата на добри резултати откако го повтори остварувањето од 2015 година, освојувајќи го второто место на завршниот турнир во Европската лига.
Ракометарите годината ја започнаа со скромниот настап на Европското првенство во Полска, но и со изборен настап во квалификациите за пласман на Олимписките игри. Турнирот за пласман во Рио де Жанеиро беше целосен дебакл за ракометната селекција, која во конкуренција на Полска, Тунис и Чиле не успеа да стане првата национална селекција со изборен пласман на најголемата спортска смотра. Поради неуспехот РФМ го смени селекторот Ивица Обрван, на негово место дојде Лино Червар кој низ баражот со Чешка, со ракометарите се пласира на Светското првенство во Франција, што ќе започне за две недели.
На домашен план ракометарите и ракометарките на Вардар, односно фудбалерите на Вардар и кошаркарите на МЗТ ги освоија шампионските титули. Ракометарките на Вардар во Лигата на шампионките го освоија третото место, откако во полуфиналето беа шокирани од Букурешт, а за третото место славеа против Будуќност.
Ракометарите на Вардар, завршија како втори во СЕХА лигата, во финалето беа поразени од Веспрем, а од истиот противник беа елиминирани во четвртфиналето во Лигата на шампионите.
Индивидуално Кирил Лазаров и во 2016 година ја потврди високата класа. 35-годишниот десен бек и оваа година е избран за најдобар на својата позиција во светот. Лазаров е прогласен и за спортист на годината.
Лина Ѓорчевска стана првата Македонка која настапила на еден грен слем турнир. Фантастичната година Ѓорчевска ја заврши на 205-то место во сингл и 129-то место во дубл, поради што таа го доби признанието за спортистка на годината.
Дејан Недев, пред нецел месец, постигна извонреден успех, тој во Крањска Гора првпат стана шампион на Европа во дисциплината кати поединечно. На ова Европско првенство злато освои и Мила Саздова во кадетска конкуренција.
Во годината која изминува беше одржан и традиционалниот „Охридски маратон“, на кој прв пат победи македонски пливач. Ветаранот Томи Стефановски победи во Охрид, а сезоната ја заврши на првото место во генералниот пласман во далечинско и маратонско пливање на FINA Гран При серија. Стефановски оваа година стави крај на својата импресивна кариера.
Оливера Наковска-Бикова, го освои сребрениот медал на Меѓународниот натпревар во стрелаштво кој се одржа во Хановер, Германија. Македонските параолимпијци, со два медали го завршија учеството на Меѓунардониот натпревар во Хановер, претходно Каранфилов, Јовановски и Наковска-Бикова осовоија бронза во екипна конкуренција.
Македонските репрезентативци на Европско првенство во карате за младинци, јуниори и постари јуниори У21 освоија еден сребрен и пет бронзени медали. Среброто го освои Абдурахман Идризи, а бронзени беа Моника Пендаровска, Столе Смилковски, Петар Спасеновски, Азис Исмаил и ката тимот.
Поединечни настапи македонските спортисти имаа и на Олимписките игри во Рио, младинските Зимски олимписки игри во Лилехамер, Европското првенство во пливање и Светскоот првенство во пливање во 25-метарски базени.
На ОИ во Рио де Жанеиро атлетичарите Ристе Пандов (100 метри) и Дрита Исљами (400 метри со пречки), пливачката Анастасија Богдановски (200 метри слободно), џудиската Катерина Николовска (-63 кг), Нина Балабан (стрелаштво, воздушна пушка 10 метри). Марко Блажевски (пливање), постигнаа резултати далеку под нивните можности.

На младинските ЗОИ, Македонија настапи со двајца спортисти: Лука Божиновски на ЗОИ настапи во четири алпски дисциплини, во три (супервелеслалом, велеслалом и слалом) не оствари пласман, додека во комбинација заврши на 24-то место, а нордиецот Ставре Јада. на трката на 10 километри го освои 34-то место, додека на трката во крос кантри (спринт и слободно) беше 43-ти, односно 44-ти.
Пливачите во своите настапи на ЕП и СП во 25-метарски базени имаа добри настапи, поставувајќи нови државни рекорди во сите дисциплини во кои настапуваа.