2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЧетири компании наградени за најуспешни претприемачи на годината 2016-та

Четири компании наградени за најуспешни претприемачи на годината 2016-та

pretpriemac-na-godinata-2016

Традиционално и годинава на јубилејното 10. издание на престижната манифестација „Претприемач на годината“ беа доделени наградите на најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија.

Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Деан Бадаревски од „Софа студио“ – Скопје, додека втората награда му припадна на Васко Брдаровски од „Евросуровина ПА“ – Битола.

Во категоријата на микро претпријатија добитник на првата награда е Хашим Хасани од „Хотел Скардус“ – Тетово, додека втората награда ѝ припадна на Биљана Кукловски од „Чоко авијаторс“ – Скопје.

Наградите ги доделија претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска, извршниот директор на Македонска развојна фондација на претпријатијата (МРФП), Тетјана Лазаревска, претседателот на Стопанска комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), Неби Хоџа, како и Бојан Јовановски од Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.

Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Арсовска, истакна дека признанието за претприемачите е од голема важност, поаѓајки од фактот дека стопанството подолго време се соочува со многу предизвици.

„Во услови на две годишна политичка неизвеснот, надворешни влијанија на мигрантската криза, како и потешкотиите во економиите на соседните земји многу е важно да ги поздравиме компаниите кои три години по ред континуирано бележат раст со што успеаа да влезат во категоријата на најдобри мали и микро претпријатија“, изјави Арсовска.

На настанот свое обраќање имаа и директорот на МРФП, претседателот на СКСЗМ како и министерот за економија Дритон Кучи, кој истакна дека сите бизнисмени кои во денешни услови водат бизнис заслужуваат честитки.

pretpriemac-na-godinata-2016-1

Манифестацијата „Претприемач на годината“ како иницијатива на Сојузот, одбележува десетгодишен јубилеј. Вкупно 40 претприемачи биле наградени во овој период, а Министерството за економија додели вкупно шест специјални награди. Идејата на организаторите во сите овие години беше да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери.

Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2016“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на РМ. Имено, 56 микро и мали претпријатија, во периодот од 2013 до 2015 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции.

Главни организатори на Претприемач на годината 2016 се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Стопанската комора на северозападна Македонија. Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија. Спонзор на настанот е Штедилница Можности.
ИНФОРМАЦИЈА ЗА ДОБИТНИЦИТЕ

Деан Бадаревски од „Софа студио“ од Скопје

Семејната приказна која започнува во 1998 г. во рамките на услужната дејност, сервисирање и репарација на тапациран мебел, малку подоцна се профилира и се проширува со изработка на канцелариски мебел, програма за хотелиерство и кафетерии. Со ребрендирањето во 2007 г. започнале со производство на домашен програм и ентериери, софи и спални од тапациран мебел. Низ годините, станува претпријатие со континуиран и стабилен развој и политика, со висококвалитетен производ и со висока позиционираност на домашниот пазар. Нивните производи покрај тоа што се застапени на македонскиот пазар, успешно се пласираат и на пазарите во Австрија, Германија и Холандија, задоволувајќи ги и потребите за квалитет и удобност на бројни странски купувачи.

Васко Брдаровски од „Евросуровина ПА“ од Битола

Првичната идеја за откуп на стари возила и расклопување на делови за нивна натамошна продажба ја остварува во 2011 г., за една година подоцна да започне со откуп на отпадни суровини и сепарација на бакар од третирани кабли. Оваа година ја реализира идејата за производство на гумени плочки искористувајќи го при тоа отпадниот дел од каблите. Денес, главната дејност е вршење откуп на секундарни отпадни суровини и производство на гумени подни плочки изработени од гранулат од гума, кои се модерно и многу популарно решение за внатрешно и за надворешно уредување. Поради нивните бројни квалитети, гумените подни плочки наоѓаат широка примена при поплочувањето на тераси, детски градинки и школски дворови, спортски игралишта, фитнес-центри, како и за простории околу базени.

Хашим Хасани од „Хотел Скардус“ – Тетово

Сместен е на Шар Планина во близина на Попова Шапка, хотелот претставува идеална дестинација за празници, семејни одмори, групни и корпоративни настани, како и за љубителите на природата, кои сакаат мир и спокојство. Нивните планови се насочени кон следење на примерите од познатите туристички центри и нивно успешно инкорпорирање со цел на нивните посетители да им обезбедат врвни услуги. Во моментов, хотелот располага со 35 пространи соби изградени според највисоките стандарди, затворени базени, сауна, турска бања и фитнес-центар, спа и велнес центар, масажа-услуги. Во ресторанот на хотелот се служи вкусна, локална и меѓународна храна и одлични вина во опуштена атмосфера и прекрасна околина.

Биљана Кукловски од „Чоко авијаторс“ од Скопје

Многу слатки задоволства на кои никој не останува рамнодушен нуди чоколадниот свет на една успешна претприемачка приказна. Нивната тајна за правењето чоколадна магија е сокриена во најголемите и најчувани мајсторски рецепти, коишто со генерации се чувале и пренесувале на идните поколенија, во малите чоколатерски фамилии. Нивниот рецепт за успех е модерно-креативниот начин на изработка на производите, како и користењето на најквалитетните чоколади добиени од најубавите зрна на какао од Гана и од Мадагаскар. Тоа e нивниот проверен рецепт за чоколадната магија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП