Барањата за помош при невработеност во Франција се намалуваат во ноември веќе трет месец, пишува „Bloomberg“. Тоа е најдолгата серија од почетокот на 2008-ма година, но обновата доаѓа премногу доцна за да се спаси имиџот на управувањето со Франсоа Оланд.
Бројот на Французите кои бараат работа, се намалува за 0,9%, или 31.800 лица, до 3,45 милиони луѓе во ноември, покажуваат податоците на Министерството за труд. Очекувањата на економистите анкетирани од „Bloomberg“, беа за 3,48 милиони лица кои бараат работа.
Невработеноста ќе биде една од главните теми во предизборната кампања во следната година. Економијата на Франција покажува сигнали за закрепнување, а бизнис довербата се зголемува блиску до највисокото ниво од пред пет години.
Претседателот Франсоа Оланд порано изјави дека падот во невработеноста ќе биде услов за неговата кандидатура за втор мандат. На 1-ви декември, тој најави дека нема да учествува на изборите и на тој начин го отвори патот за премиерот Мануел Валс, кој ужива поголема популарност.