21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕнергетска ефикасност: вложувате еден, заштедувате три денари

Енергетска ефикасност: вложувате еден, заштедувате три денари

energija

Македонија троши три пати повеќе енергија од просекот во Европа. На 1.000 евра додадена вредност во земјава се вложуваат 340.5 кгне (нормализирана единица енергија), а на ниво на Унијата се вложуваат 122 кгне, покажуваат анализите во публикација „Одржлив развој“ која ја изработи Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според податоците полошо од земјава се рангирани единствено Естонија со 386.4, Србија со 441.9, Бугарија со 448.8 и Исланд со 551.5 нормализирани единици енергија.

Сепак, Македонија има позитивна тенденција – бројките секоја година се пониски во однос на претходната. Во 2014-та потрошувачката била 340.5, во 2013-та 363.7, во 2012-та 411.0, а во 2001-та дури 605.5 кгне.

„Намалената енергетска интензивност значи помало количество на енергија потребно за производство на ист аутпут, што е поврзано со енергетската ефикасност… Високата енергетска потрошувачка е резултат на високата енергоинтензивност на капацитетите – носители на економскиот раст. Речиси една третина од потрошувачката на електрична енергија е резултат на високоенергетските интензивни индустрии“, стои во образложението од публикацијата на ДЗС.

Подобрувањето на состојбата се должи пред се на вложувањата во енергетската ефикасност, објаснуваат експертите според кои придобивките се повеќекратни, на вложен еден денар се заштедуваат и до три.

„Таа е неопходност и еден од највредните и најекономични ресурси кој обезбедува економска стабилност, заштита на околината и намалување на увозот на скапите енергенси. За таа ќе мора да се обезбеди време за изградба на новите објекти и да се примени во постоечките оти секој денар вложен во енергетска ефикасност се враќа назад како три денари добивка. Сите нови реконструкции на болници, училишта, нови автобуси, ново улично осветлување, како и граѓаните кои ги менуваат прозорците и прават изолација на домовите се дел од мерките за енергетска ефикасност“, вели професорот Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија.

Мора да се направи разлика помеѓу заштедата на енергијата и енергетската ефикасност, објаснуваат експертите. Штедењето на енергијата секогаш подразбира одредено одрекнување, додека енергетската ефикасност донесува зголемување на квалитетот на животот.

„Она што му е заедничко за овие два термина е намалување на енергетските трошоци. Но затоа начинот на ова намалување е суштински различен – со енергетската ефикасност не го намалуваме комфорот на нашето живеење или пак не го загрозуваме производниот процес. Од друга страна доколку штедиме енергија тоа не може без намалување или загрозување на веќе достигнатиот комфор на живеење или пак без да го намалиме квалитетот на производството“ вели професор Димитровски.

Концептот на енергетската ефикасност не се јавува само во потрошувачката на енергијата туку и во производството и дистрибуцијата. Загубите во производството на енергијата изнесуваат и до 66%. Загубите во транспортниот сектор (железнички, патен и друг вид на сообраќај) изнесуваат околу 71%, во индустријата и во домаќинствата по околу 20%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП