10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманските компании повторнo би инвестирале во Македонија

Германските компании повторнo би инвестирале во Македонија

image

Деведесет проценти од членките на Македонско-германското стопанско здружение би инвестирале повторно во Македонија, покажува анкетата за бизнис климата во државава, што во првиот квартал од годинава ја спроведоа Македонско-германското стопанско здружение и претставништвото во Скопје на Унијата на германските комори за индустрија и трговија кај 165 членки.

Според заклучокот од денеска презентираната анкета, претпријатијата ја оценуваат економската состојба како задоволителна и гледаат перспективи за Македонија како економска дестинација, но упатуваат критики за ефикасноста на јавната администрација, правната сигурност и процесот за членство на државата во ЕУ.

За годинава 50 проценти од членките на Македонско-германското стопанско здружение рекле дека планираат зголемување на своите инвестиции, а исто толку очекуваат и зголемување на извозот. Анкетираните компании својата деловна состојба ја оценуваат како добра, а преовладува и оптимизам кај компаниите за развојот на сопствената деловна состојба во тековната година.

Дваесет и еден процент од анкетираните фирми рекле оти состојбата им е подобра од лани, 48 проценти дека нема да се промени, а 21 процент оти ќе се влоши. Во однос на состојбата во браншата 42 проценти од фирмите сметаат дека таа годинава ќе се подобри, 48 проценти оценуваат оти ќе остане непроменета, а 10 проценти очекуваат влошување. Во анкетата за минатата година, пак, само 23 проценти од фирмите имале очекување за подобра состојба.

Позитивна оценка за сопствената деловна положба изнеле 44 проценти од компаниите, а 50 проценти задоволителна.

– Видливо е преовладување оптимизам во проценката на сопствената деловна состојба, а исто така 60 проценти од анкетираните компании очекуваат подбрување на сопствената деловна состојба во текот на следната година. Само 12 проценти очекуваат влошување, рече Михаил Шмит, директор на Германската стопанска комора во Македонија, на презентацијата на анкетата.

Во однос на бројот на вработените, споредено со претходната година, 33 проценти од фирмите рекле дека таа бројка ќе се зголемува, 44 проценти сметаа дека тој ќе остане непроменет, а 23 проценти очекуваат намалување. Постои тенденција на намалување за отпуштање работници за разлика од претходните години.

Според Матијас Ханел, претседател на Македонско-германското стопанско здружение, за поздравување се напорите за привлекување странски инвестиции од страна на македонската Влада, што веќе даваат резултати. – Не радува фактот што две големи германски инвеститори од автомобилската индустрија во текот на минатата година се одлучија да инвестираат во Македонија. Исто така, герамански компании учествуваат во реконструкцијата на РЕК Битола, обновата на железничките пруги и модернзиацијата на сообраќајната сигнализација во Скопје. Овие компании можат да послужат како добар пример за понатамошни германски инвестиции, нагласи Ханел.

Германската амбасадорка во Македонија Гудрун Штајнакер посочи дека и покрај позитивните резултати во анкетата има локални фактори за бизнис климата на кои треба да се работи.

– Проблем претставува задолжувањето и сметам дека е од големо значење. Интересен фактор е и тоа што државата е еден од најголемите работодавачи во Македонија, а јавната администрација се зголемува се повеќе, но не станува поефикасна. Во моето искуство од година и половина забележав една дискрепанца помеѓу локалната самоуправа и централната Влада. Сметам дека на локално ниво кај градоначалниците и во самата локална самоуправа постои поголема подготвеност за соработка и поголема ангажираност. Некои од градоначалниците се повторно избрани и се надевам дека со нив ќе оствариме многу и добра соработка, рече Штајнакер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП