Првиот трговски ден оваа последна седмица од годината Македонската берза го започна со вкупен промет од 7.960.761 денари реализирани преку 61 трансакција.
Денот го одбележа блок трансакцијата со акциите на РЖ Услуги АД Скопје. Вкупно беше истргувана количина од 16.325 акции по просечна цена од 102,19 денари, од кои 15.000 акции беа истргувани преку блок трансакција.
Вкупен промет на трансакцијата изнесуваше 1.530.000 денари. Оваа акција забележа најголем пад на вредноста од (-9,57 отсто) и денот го заврши на вредност од 102 денари.
Од останатите хартии од вредност кои беа тргувани на пазарот денес обврзниците за денационализација РМДЕН15 и акцијата на Комерцијална банка АД Скопје се вбројаа во „милионерите“ на денот со остварен промет над милион денари, поточно износ од околу 1,39 милиони денари за обврзниците и 1,31 милиони за акциите.
Индексите МБИ-10 и ОМБ денот го завршија со негативна промена, пад од 0,22 и 0,19 отсто соодветно.