17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрајановски и градоначалниците без конкретно решение за аерозагадувањето во Скопје

Трајановски и градоначалниците без конкретно решение за аерозагадувањето во Скопје

skopje

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски во во понеделник, одржа работна средба со 17 градоначалниците од скопскиот плански регион на која се разговараше за загадувањето на воздухот во градот и во околината, но од нивниот разговор не произлегоа никакви мерки кои би помогнале во овој период да се намали аерозагадувањето.

„Овој воздух сите го дишеме и токму поради тоа за проблемот со аерозагадувањето не треба да тераме политика. Ве повикувам сите заедно да работиме на решавање на овој предизвик – граѓаните, моите колеги градоначалници и сите надлежни служби да се ангажираме и да се вклучиме во заштитата на амбиентниот воздух од загадување“, повика Трајановски.

Градоначалниците од скопскиот плански регион разговараа за неколку предлози како
можноста Градот Скопје, општините и централната власт да субвенционираат проширување на топловодната мрежа и вклучување на домаќинствата кон топловодната мрежа, како и за можноста сите станови во една станбена зграда без исклучок да бидат приклучени на мрежата за парно греење.

„Воедно апелирам до БЕГ и до „Елем Енергетика“ да размислуваат за намалување на цената на парното греење, за што со нив ќе разговараме на официјална средба“, рече Трајановски.

Се зборувало и за вклучување на општините во субвенционирањето на граѓаните за набавка на печки на пелети, како и да се изготви правилник за користење цврсти горива со кој во догледно време ќе се забрани употребата на нафта, јаглен и други недозволени материјали за затоплување на домаќинствата.

Исто така разговарале и за можноста општините да субвенционираат други видови загревање во домовите за што тие ќе направат анализа, како и можноста општините да се вклучат во субвенционирањето велосипеди и во изградбата на велосипедски патеки на улиците коишто се под нивна надлежност.

Трајановски се пофали дека Градот Скопје веќе изгради две велосипедски рути, а најави изградба уште две рути во 2017 година.

„Со формирањето на новата Влада очекуваме итно да се објави тендерот за гасификација на Скопје“, рече Трајановски.

Од микромерките кои секојдневно се спроведуваат се интензивните контролите кај инсталациите кои подлежат на Б-интегрираните дозволи, а општините ќе ги контролираат помалите капацитети кои подлежат на Елаборатите за заштита на животната средина. Ќе се продолжи со прскање на градските сообраќајници со средството калциум магнезиум ацетат, за контрола на ситната прашина. Градот Скопје годинава почна со субвенционирање печки на пелети, а за наредната година обезбедени се двојно повеќе пари за таа намена.

„Воведувањето пар-непар кај автомобилите како мерка за намалување на загадувањето од сообраќајот не е во надлежност на Градот Скопје, туку за таа мерка треба да се произнесат министерствата за внатрешни работи, за здравство и за животна средина и просторни планирање“, рече Трајановски.

За потсетување, според податоците што се содржат во Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух на подрачјето на Скопскиот регион и во Краткорочниот план за квалитет на воздухот во Скопскиот регион што ги изработија Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, во Скопје и скопскиот регион најголемото загадување со ПМ10 честички во воздухот потекнува од загревање на домаќинствата – 32 отсто, сообраќајот – 20, прашина создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности – 19, индустријата – 18, сулфатни соли – 7, нитратни соли – 2 проценти, и прекуграничен пренос на загадувачки супстанции – 2 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП