3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоради откажаниот дочек на Нова година Авалон најави тужба против Град Скопје

Поради откажаниот дочек на Нова година Авалон најави тужба против Град Скопје

photo

Од Авалон Продукција денес најавија тужба против Град Скопје поради откажаниот дочек на Нова година на плоштад Македонија, каде што требаше да настапи пејачката Каролина Гочева, која е дел од Авалон Продукција. На дочекот исто така требаше да настапат и раперот Слаткаристика и пејачот на народна музика Миле Кузмановски.

Сопственикот на Авалон, Бобан Милошески, веднаш по веста дека Град Скопје го откажува дочекот на Нова година и дека средствата ќе ги донира во социјални цели, порача дека неговата продукција ќе го тужи Град Скопје и ќе бара целосно да и бидат исплатени сите трошоци.

„Ако град Скопје се откаже од дочек на Нова година (а тоа може да го направи затоа што оваа година не плаќа 100 илјади евра за некоја Северина и 50 илјади евра за продукција од странство) и со тоа ги оштети македонските артисти и продукцијата од Македонија, Авалон Продукција ќе го тужи Град Скопје и ќе бара целосна исплата на сите трошоци. Исто од хуманитарни причини Авалон ќе покрене петиција градоначалникот Коце Трајановски и вработените во град Скопје своите шест месечни плати да ги донираат на сиромашните“, напиша Милошески на својот фејсбук профил.

Според него, „Нова година на пејачите во Македонија им значи живот, исто како на секој што работи за плата“. „Пејачите за Нова година заработуваат за живот и нив тој термин им значи како на некој што му значат шест плати. И до кога си патриотизам на штета на Македонецот? Да беше некој Оливер Драгоевиќ како лани, ќе беше платен 100 илјади евра (и досега ќе беше и исплатен), но бидејќи е наш Миле Кузмановски немаме гајле и сега ќе глумиме хумани. Како тоа Андреј не може да ги откаже Филм и Забрањено пушење, а Коце може Миле и Слаткар? Се разбира дека не може бидејќи тие не се Македонци. А мозок, тоа не постои. Затоа ќе има суд“, додаде Милошески.

Град Скопје во четвртокот преку соопштение најави дека се откажува од дочекот на Новата 2017-та година, кој требаше да се одржи на плоштадот Македонија, додавајќи дека средствата планирани за организирање на дочекот во изност од околу два милиона денари ќе бидат донирани во социјални цели, при што одлуката каде ќе бидат донирани средствата ќе биде дополнително донесена од страна на Советот на Град Скопје.

Авалон: Доколку изведувачите сметаат дека не треба да бидат обесштетени, нема да има тужба за град Скопје

Кога е во прашање евентуалната тужба, за која сопственикот на Авалон Продукција Бобан Милошески пишува на неговиот приватен профил на Фејсбук, нашиот став е дека доколку од нас, од страна на сите ангажирани во овој проект биде побарано некакво обесштетување, ние ќе мора да го бараме тоа обесштетување од оној од кој што бевме агажирани, во случајов Град Скопје, велат од Авалон продукција.

„Имено, Авалон Продукција беше ангажирана во недостаток на сериозни финансиски средства со коишто досега се ангажираа скапи изведувачи од соседството, да организира дочек на Нова година со македонски изведувачи, со скромниот буџет кој беше на располагање“, објаснуваат од продукцијата.

„Под неверојатниот и нереален медиумски притисок, Градот Скопје попушти и одлучи да го откаже традиционалниот дочек на Новата година на градскиот плоштад, веројатно сметајќи дека нема никаква пречка за тоа, поради фактот што не се ангажирани скапи артисти од соседството, туку македонски изведувачи, а притоа не водејќи сметка за следниве работи:

1. Дочек на плоштад на Нова година се организира од хуманитарни причини и на тие дочеци доаѓаат луѓе коишто не можат да си дозволат друг тип на прослава за Новата Година .

2. Артистите ангажирани за таа Нова година не се самите пријавени за настап, туку од нив е побарано да настапат на таа манифестација, притоа не водејќи сметка дека со тоа им се одзема можноста таа вечер да работат на некое друго место.

3. Авалон Продукција воопшто не беше консултирана за оваа одлука на Град Скопје и повторуваме дека ова немаше да се случи доколку ние за оваа прилика за Градот Скопје ангажиравме некои естрадни ѕвезди од соседството. Сигурно е дека ќе имавме договори во коишто тие ќе беа заштитени и сигурно е дека уште при потпишувањето на договорите ќе беа стандардно уплатени 50 отсто од средствата како што е стандардно вообичаено во овој бизнис.

Доколку сите инволвирани во проектот сметаат дека не треба да бидат обештетени, се разбира дека Авалон Продукција нема да го тужи градот Скопје и ова ќе остане запаметено како историски преседан и аматеризам и тотално понижување на тоа што значи македонски артист и тоа што значи професионалност“, порачуваат од Авалон.

„Можевме да бидеме повикани на состанок, можевме да бидеме консултирани, можевме сите заедно да организираме дочек за Нова година и да биде побарано од сите да се откажат од средствата, а не на најаматерски можен начин за нешто што е сепак бизнис, да бидеме известени од медиумите. Сите што требаше да учествуваат во оваа манифестација се докажани хуманитарци и нема потреба да се докажуваат на ваков начин. Сите во своите екипи кои требаа да настапат на плоштад имаат музичари кои што се ангажирани вечерта и живеат од оваа работа. Така да, споменатата тужба не е ничив хир, туку едноставно е одраз на некаква прагматичност во целава ситуација“, заклучуваат од Авалон продукција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП