26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовогодишен базар на Фондацијата Аполонија за децата со посебни потреби

Новогодишен базар на Фондацијата Аполонија за децата со посебни потреби

%d0%b0%d0%bf%d0%be%d0%bb%d0%be%d0%bd%d0%b8%d1%98%d0%b0

Деновиве во хотелот Аполонија во Гевгелија се одржува новогодишен базар на кој по симболични цени се продават рачно изработени украси. Собраните средства ќе се донираат за децата со посебни потреби и за социјално ранливите семејства.

Овој традиционален хепенинг ги поттикнува учениците од сите основни училишта во градот да ја искористат креативноста и самите да направат честитки, лампиони и други новогодишни украси со цел да се продадат на базарот. Истото го прават и учениците од Центарот за деца со посебни потреби кои имаат свој штанд на кој ги изложуваат и ги продаваат предметите.

Освен креативниот аспект, базарот, во организација на фондацијата Аполонија, го буди хуманиот дух кај најмладите кои знаат дека парите ќе завршат во донации кај нивните врсници од ранливите категории. Затоа, подавањето рака преку уметност и хуманост ја прави оваа манифестација привлечна за сите ученици во Гевгелија.

За овие три дена се очекува салата во хотелот Аполонија да ја посетат неколку стотини деца, нивните родители, наставници, па и жители на градот. Масовноста се зголемува од година во година, а детските дела стануваат се побарани од хуманите граѓани.

Познато е дека за среќа кај децата е потребно малку, а овој базар го прави токму тоа. А детската среќа пак, ги поврзува различните и прави простор за децата со посебни потреби да се почуствуваат рамноправни со другите. Преку оваа активност тие барем за момент ќе се почуствуваат еднакви со другите затоа што нивниот хендикеп не смее да се гледа како недостаток, туку како предност.

Ваква порака постојано испраќаат и од фондацијата Аполонија која десетина години во континуитет ги поддржува децата со посебни потреби преку разни проекти со вклученост на целата заедница.

Новогодишната атмосфера ја надополнуваат и волонтерите од Американскиот мировен корпус кои помагаат на организицискиот тим на базарот, а со кој фондацијата Аполонија има долгогодишна успешна соработка. Општествената одговорност наложува дека за оваа година активностите не завршуваат со базарот.

Имено, на 23-ти декември ќе организираат поетско читање, на 27-ми има концерт со Гордана Неделкова Јосифовска, потоа на 28-ми има традиционална новогодишна детска програма, а на 29-ти декември ќе се одржи и концертот на класата на професорката Љубица Улишева.

Од Аполонија, како што привршуваат со годишните активности, така ја најавуваат и програмата за наредната година која предвидува донации и спонзорства во значителни суми во областа на културата, здравството, образованието, животната средина и други.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП