27 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАИстекува рокот за избор на „Најдобар млад научник“ за 2016 година

Истекува рокот за избор на „Најдобар млад научник“ за 2016 година

najmlad-naucnik

Уште две недели трае можноста за аплицирање на Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2016-та година, признание што го доделува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2016-та година е отворен до 31-ви декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати.

Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиено награда и/или признание за научно-истражувачка работа, резултатите од научно-истражувачката работа да се објавени и применетост на резултатите од научното истражување за тековната 2016-та година.

Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, по иницијатива на претседателот Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

„Ова е седма година по ред како се доделува признанието Најдобар млад научник, на иницијатива на претседателот Иванов. Целта на доделувањето на ова признание е да се стимулираат младите да се бават со наука. Ова признание е посветено на сите млади што ја сакаат науката, се занимаваат со истражување и имаат постигнато одредени резултати во својата работа. На него може да аплицираат млади научници до 30-годишна возраст, кои се занимаваат со научно-истражувачка работа во земјава или во странство“, вели проф. д-р Атанас Кочов, од Машинскиот факултет – Скопје, претседател на комисијата за избор на „Најдобар млад научник“.

Признанието „Најдобар млад научник“ беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010-та година, на м-р Никола Златанов.

Во 2011-та година признанието му беше доделено на д-р Трифче Сандев, кој своето високо образование го има стекнато на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде и ја одбрани неговата докторска теза.

Во 2012-та година признанието „Најдобар млад научник“ беше доделено на д-р Катерина Бачева, која своето високо образование го има стекнато на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.

Во 2013-та година признанието го доби м-р Петар Стојанов, биоинформатичар кој во Броуд Инститјут, Бостон, САД се занимава со биоинформатичка анализа на генетските промени кај малигните заболувања.

Носител на признанито „Најдобар млад научник“ за 2014-та година е м-р Даниел Денковски, кој работи на полето на електротехника и информациски технологии.

Во 2015-та година признанието „Најдобар млад научник“ го доби д-р Михаела Ангелова, која работи во полето на биоинформатиката.

„Секоја година просечно до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија пристигнуваат околу 25 пријави. Имало случаи кога пристигнувале и до 30 пријави. Ова покажува дека Македонија има млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со наука и имаат постигнати одредени резултати“, вели проф. Кочов.

Апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2016-та година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија.

Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2016 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар