Москва и Токио се договорија за оснoвање на заеднички фонд за поттикнување на инвестиции во ексклузивната економска зона, соопшти заменик премиерот на Русија Јуриј Трутњев.
Спогодбата ја потпишаа претставници на Јапонската банка за меѓународна соработка, руската Агенција за вложувања и извоз во Далечниот исток и Фондот за развој на Далечниот исток, во текот на првиот ден на посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Јапонија, јавува Russia Today.
Целта на фондот е да поттикне соработка меѓу двете земји и да охрабри јапонски инвестиции во регионот на Далечниот исток и во земјата во целина.
„Потпишавме меморандум за создавање заедничка инвестициона платформа. Тие средства ќе помогнат за воспоставување подобар амбиент за вложувања,“ реч Трутњев, и нагласи дека Русија бара нови начини за привлекување бизнис во земјата.
Фондот „тежок“ 100 милијарди јени (над 900 милиони долари) ќе инвестира во медицински и урбанистички проекти, како и во осовременување на производни погони, според извештаите на јапонските медиуми.
Двете земји ќе обезбедат приближно еднакви средства за фондот, така што вложувањето во проекти би можело да почне следната година.
Рускиот претседател е во посета на Јапонија каде што ќе се сретне со премиерот Шинзо Абе, јавува Russia Trade и додава дека оваа посета, на која се чекаше од 2014 година, се смета за голем пробив во руско-јапонските односи.
Се очекува Токио и Москва да потпишат најмалку 50 деловни договори на маргините на руско-јапонскиот бизнис форум во сабота, на кој ќе присуствуваат и лидерите на двете земји.