18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрогласени најуспешните 100 компании во Северозападна Македонија

Прогласени најуспешните 100 компании во Северозападна Македонија

top-100-kompanii333

Економската и политичката криза, која владее во земјата, тешкотиите во обезбедувањето финансиски средства претставуваат главен проблем за многу бизниси, кои минатата година се соочуваа со ниска побарувачка како на внатрешниот така и на надворешниот пазар, беше речено на промоција на каталогот „Топ 100“, во кој е направен избор на најдобри компании од албанската бизнис заедница во Македонија, во организација на Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Изборот на „Топ 100“ се спроведува по шести пат и има за цел промоција на најмоќните компании на локалниот пазар, кои се дел од оваа комора. Промоцијата се врши преку каталог, што во себе содржи анализа на потенцијалот на компаниите на домашен пазар и придонесот во вкупниот Бруто домашен производ на земјата.

„Радува фактот што годишниот обрт на најголемите 100 компании во Северозападна Македонија за 2015 година е над 622 милиони евра, при што нето – добивката изнесува над 33 милиони евра, а бројот на вработени е речиси 5.000, што е доказ за развојот на овие компании, благодарение на мудрите бизнис одлуки и стратегии на нивните менаџери и квалитетниот избор на човечки ресурси ангажирани во нив“, рече министерот за економија Дритон Кучи.

Според него, овие параметри за фирмите во Северозападна Македонија, остварени во 2015 година се уште една потврда од страна на стопанството дека долгорочните и добро поставени економски политики се услов за раст на економијата и позитивни резултати, и покрај сложената политичка ситуација и неизвесноста која ја имаа бизнисмените при донесувањето на своите одлуки.

Министерот Кучи потсети дека во изминатиов период се овозможи олеснет пристап до финансии, преку поволните кредити и кредитни линии, поддршка за зголемување на извозот, како и креирање и спроведување на регулатива која ќе овозможи повеќе инвестиции, а нормализирањето на споменатите состојби, како и подобрувањето на можностите на европската економија, ќе придонесат за нормализирање на странската побарувачка на земјите од ЕУ, за уште поголема покриеност на увозот со извоз и позасилени деловни активности на нашите компании.

Стопанската комора на Северозападна Македонија континуирано ги следи и анализира движењата на албанските бизниси во земјата, со цел зајакнување на овие бизниси.

„Како сведоци на економската и политичката криза, која владее во земјата, тешкотиите во обезбедувањето на финансиски средства претставуваат главен проблем за многу бизниси, членки на СКСЗМ, кои минатата година се соочуваа со ниска побарувачка како на внатрешниот така и на надворешниот пазар. СКСЗМ ќе продолжи да работи кон остварување на забрзан економски раст, создавање на поволен амбиент за водење бизнис во нашата земја. Ние постојано сме чадор за бизнисот, бидејќи само на тој начин ќе се овозможи понатамошен развој на секој член на нашата комора”, рече Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

На промоцијата на шестиот по ред Каталог на топ 100 најуспешни компании на ова комора, присуствуваа и претседателите на СКМ И ССКМ на Македонија, Бранко Азески и Даниела Арсовска, министерот за финансии Миновски, за правда Валдет Џафери и министерот за странски инвестиции Арлинд Зеќири.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП