Москва не е заинтересирана за соработка со Европската унија (ЕУ), која би била на штета на трети земји, вклучувајќи ја и САД, изјавил портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесуваат светските агенции.
„Тешко дека ќе се сложиме со идејата за пријателство кое е вперено против било кој, тоа не е начин на пристап кој им одговара на нашите интереси“, рекол Песков, кој се наоѓа во Јапонија како дел од делегацијата на рускиот претседател Владимир Путин.
Агенцијата Тас наведува дека Песков на овој начин го прокоментирал предлогот на високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, според која ЕУ „треба да се насочи во линија со Русија“, а против политиката на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
„Прво, ние не знаеме каква ќе биде политиката на администрацијата на Трамп“, нагласил Песков, додавајќи дека Русија традиционално повикува на добри врски со ЕУ, но дека „сега нема никакви односи со Брисел“.
Тој додал дека верува дека е во интерес на Москва и Брисел, како и на државите членки на ЕУ, да се обидат што поскоро да пронајдат начин за одржување на дијалог меѓу двете страни.