Американската централна банка Federal Reserve (Fed) ги зголеми во средата, првпат по цела година, клучните каматни стапки за 0,25-процентни поени, во распонот меѓу 0,50 и 0,75 отсто.
Функционерите на американската централна банка Federal Reserve (Fed) проценуваат дека во следната 2017 година каматните стапки би можеле да бидат зголемени уште на трипати за по 0,25-процентни поени. Претходно во септември очекуваа дека каматните стапки ќе бидат зголемени во два наврата.
„Во однос на остварените и очекувани услови на пазарот на труд во доменот на инфлацијата, Комитетот (на Fed) реши да го подигне реперот за федералната есконтна стапка до 0,5/0,75 отсто. Пристапот кон монетарната кредитна политика останува мек и со тоа се поддржува натамошното подобрување на условите на пазарот на трудот и враќањето на 2-процентната инфлација“, се наведува во соопштението издадено по седницата на челниците на Fed, кое го цитира Associated Press.
Ова зголемување на каматните стапки на Fed е првото по една година, од она во декември 2015 година, кога американскиот регулатор ја зголеми каматната стапка од 0 на 0,25-процентни поени, на 0,25 и 0,50 отсто годишно. Претходно основната каматна стапка беше зголемена дури во јуни 2006 година, а од декември 2008 до декември 2015 година таа практично остана на нулата, во опсегот од 0 до 0,25 отсто.
Особено челниците на Fed за операциите на отворениот пазар по заседанието од вторникот и средата очекуваат зголемување на основната каматна стапка во просек од 1,375 отсто. Во септември во централната банка очекуваа зголемување на каматите во 2017 година за 1,125 отсто. Досегашната просечна каматна стапка беше 0,625 отсто.
Зголемувањето на каматните стапки води до зголемување на трошоците на задолжување на компаниите и на граѓаните, но оди во прилог на штедењето. Fed ги зголеми каматите, бидејќи се очекува забрзување на растот на американската економија, како и на инфлацијата, односно потрошувачките цени.
Имајќи предвид дека ваквиот потег на Fed беше долг период очекуван, аналитичарите сметаат дека ова зголемување на каматите веќе е вградено во финансиските пазари, односно во цените на акциите.
Последните седмици токму поради очекувањето дека каматите во САД ќе бидат зголемени, американскиот долар значително зајакна, па неговиот индекс, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте други најважни светски валути од земјите најголеми американски трговски партнери, се движи близу највисоките нивоа уште од 2003 година.
Притоа, курсот на еврото во однос на американската валута се движи околу, 1,0600 долари, недалеку од најниските нивоа во последните 20 месеци, бидејќи неодамна Европската централна банка (ECB) порача дека ќе продолжи да води лабава монетарна политика до крајот на 2017 година.
Од друга страна, Fed следната година би можел дополнително да ги зголеми каматите, бидејќи се очекува јакнење на инфлацијата поради растот на цените на нафтата и најавената политика на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој вклучува намалување на даноците, а зголемување на фискалната потрошувачка.
Поради тоа, сметаат аналитичарите во анкетата на Reuters, може да се очекува натамошно јакнење на доларот и растот на приносите на американските обврзници. А тоа, како што порачуваат, би можело да доведе до одлив на капиталот од пазарите во развој, а прилив на американските финансиски пазари.
Исто така, поради тоа би можело да се случи пораст на трошоците на задолжувањата за многу земји, па следните денови ширум светот со огромно внимание ќе се следат случувањата на финансиските пазари и пораките на функционерите на Fed и од другите влијателни централни банки.
Од Fed, исто така, ги подобрија прогнозите за американскиот бруто домашен производ (БДП), за инфлацијата и за пазарот на трудот во САД во 2016 година. Така, прогнозата за растот на американскиот БДП е зголемена на 1,9 отсто од претходните 1,8 отсто. Покрај тоа, прогнозата за инфлацијата во тековната фискална година е зголемена на 1,5 од 1,3 отсто, а нивото на невработеноста во 2016 година е подобрена до 4,7 отсто од 4,8 проценти според септемвриските прогнози на Fed.
Подобрена е и прогнозата за БДП-то за 2017 година на 2,1 од 2 отсто, а прогнозата за невработеноста за следната година е намалена на 4,5 од 4,6 проценти. Истовремено, прогнозите за инфлацијата во 2017-та се дека ќе биде задржано нивото од 1,9 отсто.
Челниците на Fed не ги изменија прогнозите за 2018 година, така што се очекува раст на БДП-то за 2 отсто, намалување на невработеноста на 4,5 проценти, а ниво на инфлацијата од 2 отсто.