28 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИApple ја зголемува дивидендата по падот на профитот

Apple ја зголемува дивидендата по падот на профитот

apple

Технолошкиот гигант Apple, за првпат објави во вторникот пад на кварталната добивка во повеќе од 10 години, но инвеститорите ја поздравија одлуката дека следните години ќе им подели голем дел од своите 145 милијарди долари.

Приходите на Apple во првиот квартал од оваа година изнесуваат 43.6 милијарди долари, што е повеќе од 42.3 милијарди повеќе колку што очекуваа аналитичарите. Но профитот на компанијата падна на 9.5 милијарди, или 10,09 долари по акција, во споредба со 11,6 милијарди долари, или 12,30 долари по акција, споредбено со истиот период минатата година, што е  прв пад на профитот во повеќе од 10 години.

И покрај падот на приходите, цената на акциите на Apple се зголеми речиси 5 проценти вчера, по најавата на извршниот директор Тим Кук, дека до 2015 компанијата ќе им подели на акционерите 100 од 145 милијарди долари со зголемување на дивидендата за 15 отсто, и проширување на програмата за откуп на акции на 60 милијарди долари.

Во иднина, акционерите на компанијата ќе добиваат годишна дивиденда од 12,20 долари по акција, по што Apple ќе стане една од компаниите со највисока дивиденда во светот.

На овој начин компанијата се обидува да ја поддржи цената на акциите, со оглед на тоа дека од септември минатата година, кога достигна рекордни 702 долари, падна за 44 отсто,  со што компанијата изгуби повеќе од 280 милијарди долари од нејзината пазарна вредност.

Падот на цената на акциите на Apple во последниве месеци е последица на слабеење на побарувачката за водечките производи на компанијата – iPhone и iPad, кои се соочуваат со се поголема и поевтина конкуренција на пазарот на паметни телефони и таблети. Заради тоа, успорен е растот на приходите на компанијата, додека маржите се намалени.

По првичниот раст вчера од 5 проценти, цената на акциите на Apple малку падна откако Тим Кук на конференциски повик со аналитичарите најави дека на есен во 2014 година Apple подготвува некои “навистина големи нешта.” Тоа, сепак, значи дека Apple нема да исфрли нови производи на пазарот во текот на следните неколку месеци.

Apple досега силно се потпираше на честото лансирање на нови производи на пазарот за да поттикне раст на приходите. Но Кук сега сака луѓето да размислуваат поинаку за Apple – помалку како компанија со силен раст, како што се start-up компаниите, а повеќе како една зрела и стабилна компанија со дарежлива дивиденда.

Кук признава дека некогаш моќниот раст на Apple е забавен, но нагласи дека позицијата на компанијата остана силна.

“Иако сме постигнале веродостојни показатели и финансиски успех, свесни сме дека нашиот раст е забавен, а нашите маржи се намалени екстремно од 2012 година”, изјави Кук.

Во последните неколку години побарувачката за iPhone и iPad ослабна пред лансирањето на новите модели, а аналитичарите веруваат дека ова би можело да се случи во тековниот квартал.

Apple овој квартал очекува приходи меѓу 33.5 и 35.5 милијарди долари, додека аналитичарите предвидуваат околу 38 милијарди долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП