29 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата да го зголеми бројот на жени за скрининг на рак на...

Владата да го зголеми бројот на жени за скрининг на рак на грлото на матката

kogda-sleduet-nachat-poseshhat-ginekologa-e1426011481612

Владата ги намалува средствата за рано откривање на рак на грло на матка во период кога се бележи зголемена стапка на смртност од ова заболување, забележуваат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ

Како што појаснуваат од таму, за Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 2017 година усвоена од Владата, буџетот за Програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка е намален за 2.950.000 денари во споредба со Програмата за 2016 година.

Ова намалување се должи на намалениот предвиден опфат на жени со оваа Програма во 2017, за разлика со Програмата во 2016 година. Имено со Програмата за 2017 година се предвидува намалување на бројот на жени кои ќе бидат поканети на организиран скрининг за 15.000 жени (од 35.000 жени во 2016 на 20.000 жени во 2017 година), потоа намалување на бројот на жени на кои ќе им биде направен ПАП тест за 10.000 жени (од 30.000 жени во 2016 на 20.000 жени во 2017 година). Исто така се намалува и предвидениот број на бесплатни цитолошки анализи на земените ПАП тестови за 10.000 (од 30.000 анализи во 2016 на 20.000 анализи во 2017 година). Предвидениот опфат на жени е помал од 5% од целната популација на жени.

Во 2015 година со Програмата за рано откривање на ракот на грлото на матката биле опфатени 29.887 жени, според Институтот за јавно здравје, што значи дека Владата во 2017 година планира со скрининг да опфати 10.000 жени помалку од постигнатиот опфат во 2015 година.

Организираниот скрининг на рак на грло на матка игра клучна улога во намалувањето на смртноста од ова заболување. Намалувањето на средствата и планираниот опфат на жени со Програмата ќе води кон зголемена смртност од ова заболување. Особено мора да се има во предвид податокот дека смртноста од ракот на грлото на матката во Р. Македонија бележи пораст во периодот од 2011 до 2014 година. Имено во 2011 година стапката на смртноста изнесува 1,5 на 100.000 жени, додека во 2014 изнесува 4,1 на 100.000 жени, според Државниот завод за статистика).

Поради тоа, од Здружението бараат од Министерството за здравство и Владата да го зголемат планираниот опфат на жени со Програмата за скрининг на рак на грло на матка за 2017 на најмалку 20% од целната популација на жени и да го зголемат планираниот буџет за истата програма. Македонија треба да цели кон постигнување на опфат на најмалку 70 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години во наредните пет години со оваа Програма.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП