6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо петок пристига првата група туристи од Холандија во Охрид

Во петок пристига првата група туристи од Холандија во Охрид

ohrid1

Традиционално со лепче и сол и со торта вo петок на охридскиот аеродром ќе биде дочекана првата тура холандски туристи што организирано одморот ќе го мине на брегот на Охридското Езеро.

Делегација на Амбасадата на Кралството Холандија, предводена од амбасадорката Мариет Шурман, градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески и претставници од Агенцијата за промоција на туризмот ќе бидат дел од свечениот дочек на холандските туристи со кои практично стартува годинешната летна туристичка сезона.

Станува збор за група туристи од земјите на Бенелукс кои во Охрид и Струга ќе допатуваат преку аранжманите на тур-операторот „ТУИ – Аркефлај“, со посебен чартер лет.

Туроператорот „ТУИ – Аркефлај“ заедно со „Корендон“ се агенциите кои веќе трета година ја нудат Македонија како дестинација на своите летни туристички понуди.

Кога станува збор за летната сезона 2013, „ТУИ Аркефлај“ е предвидено од 10 мај да реализира по два лета седмично во понеделник и петок со последниот лет предвиден за 4 октомври, додека „Корендон“ ќе оперира со три чартер-летови седмично, во периодот од 7 мај заклучно со 13 октомври.

„ТУИ“ продава и определен број авиобилети и на редовната авионска линија Брисел – Охрид на авиокомпанијата „Џет-ер“, која во летниот период лета двапати седмично во вторник и недела, и тоа од 12 мај до 17 септември.

За ова лето двете агенции имаат зацртано реализација на вкупно 114 чартер-летови за Охрид, со превезени околу 20 илјади туристи.

Според последните информации од претставништвата на двата тур-оператори, како и на нивните македонски партнери, досега за летување во Македонија тур-операторот „ТУИ“ има продадено 2.500 аранжмани, додека „Корендон“ има продадено повеќе од 5.600 аранжмани за престој на туристи со 7, 9, 10 и повеќе ноќевања.

Минатата година во Македонија се одмарале вкупно 27.120 холандски туристи, што претставува 7,6 отсто од вкупниот број странски гости во земјата, воедно најголем број туристи и посетители од странска држава. Минатата туристичка сезона холандските туристи оствариле вкупно 145.280 ноќевања или 17,9 проценти од вкупниот број реализирани ноќевања.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП