17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА100 индивидуални и колективни објекти во Карпош ќе добијат нови покриви

100 индивидуални и колективни објекти во Карпош ќе добијат нови покриви

bel-lim

Општина Карпош од среда започна со испорака на материјали за покривна конструкција за индивидуални и колективни објекти.

Локалната самоуправа им помага на граѓаните кои аплицирале за промена на старите со нови покриви, со бел пластифициран ребрест лим, штафни и парна брана, како и комплет штрафови со капички и гуми за колективните станбени објекти.

Општината обезбедува исти материјали, но без штафни и парна брана и за индивидуалните објекти на територија на Карпош. Одлуката за фирмата која ќе го обновува покривот, е обврска на станарите. Досега пристигнати се околу 100 барања за промена на покривите, но, одобрение добија 21 индивидуален објект, како и 12 колективни станбени објекти. За останатите се чека комплетирање на целосната документација.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски беше присутен меѓу граѓаните во Карпош 4, од каде што и започна испораката на материјалите за обнова на покривите.

„Општина Карпош започна со испораката на лимот за менување, односно за покривање на колективните станбени згради и индивидуалните објекти. Испорачан е материјал за една куќа на улицата Прашка 16, а исто така, во моментов, се врши испорака и на улицата Волгоградска број 8 за колективна станбена зграда. Имајќи во предвид дека истата зграда е земена за реконструкција со термичка фасада, тоа значи дека оваа зграда ќе биде подготвена и заштитена за наредните 30 години. Лимот е исклучиво бел, бидејќи се намалува топлината за одреден степен којшто се создава во текот на летниот период“, рече Јакимовски.

Тој апелираше до сите граѓани на Карпош да аплицираат во наредниот конкурс за обнова на покривите.

„Ги повикувам сите оние граѓани и куќни совети, по јануари, откако ќе го распишеме новиот конкурс за реконструкција на покриви и за поставување на нови, да аплицираат во локалната самоуправа. За овие се уплатени средствата во фирмата, за сите објекти кои треба да се реконструираат и истата започна со вршење испорака. Очекуваме од граѓаните совесно да се однесуваат кон доделениот материјал и тоа да се заврши во најбрз временски период. За овој проект имаме одвоено околу 17 милиони денари, или околу 300 илјади евра. Продолжуваме и наредната година, сакаме сите покриви кои се азбестни во период од шест до седум години да се променат и да нема ниту еден азбестен покрив, без разлика дали станува збор за колективна или индивидуална зграда“, изјави првиот човек на локалната самоуправа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП