По пет милиони дрвца ќе се засадуваат секоја година преку традиционалната манифестација „Ден на дрвото“ и Програмата за проширена репродукција на шумите, најави премиерот Емил Димитриев кој, во рамки на 17. Акција „Ден на дрвото засади ја својата иднина“ посади дрвце во градинката „Ѕвездичка“ во Кочани.
„Со ова ја промовираме нашата одговорност за заштитата на животната средина и сметаме дека на правилен начин обезбедуваме здрава околина за живеење“, рече премиерот Димитриев.
Дрвце во дворот на градинката „Ѕвездичка“ засади и градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски кој информираше дека акцијата во ова подрачје денеска нема да биде масовна поради снежните врнежи вчера и во текот на ноќта, но ќе продолжи и ќе биде спроведена во целост.
„Во Кочани ќе бидат пошумени 17 хектари главно со зимзелени дрвца, смрека и ела. Ќе се сади во паркот на улицата „1 Мај“ и покрај болницата, а ќе се променат и сите дрвца кои беа оштетени од несовесните сограѓани“, истакна Димитровски.