1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПолитичарите се заложија за спречување на насилството врз жените

Политичарите се заложија за спречување на насилството врз жените

deklaracija-politicari-696x278

Петнаесет политички партии, во петок потпишаа Заедничка декларација за спречување и заштита од различни форми на насилство врз жените и семејното насилство.

Со Декларацијата се обврзаа на ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од сите форми на насилство врз жената и домашното насилство донесена во Истанбул 2011 година, на следење на препораките на Советот на Европа за достапност и минимум стандарди кои треба да ги исполнуваат услугите за поддршка, како и на обезбедување одржливост на мерките преку развивање програми за финансиска поддршка на национално и локално ниво.

Потпишувањето воедно го означи и стартот на годинашната кампања „16 дена активизам против насилство“.

„Заложбата на политичките партии поинтензивно да почнат да работат на овој проблем и да му пристапат со вниманието што го заслужува, е само првиот чекор кон справување со насилството врз жените и семејното насилство кое ја засега секоја трета жена во Македонија, рече извршната директорка на Националната мрежа против насилството врз жените“, Елена Димушевска.

Потпишувањето на Заедничката декларација го поздравија шведскиот амбасадор во земјава Мат Стефансон и постојаниот координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДП Лујза Винтон.

Стефансон напомена дека за успешно справување со семејното насилство и насилството врз жените неопходно е проблемот да се гледа како општествен. „Задоволство е да се види што толку многу политички партии ја потпишаа Заедничката декларација. Ова е важен чекор кон справување со семејното насилство. Да се направи ова сред турбулентниот период во кој се наоѓа државата, е показател на силната посветеност“, рече амбасадорот.

„Охрабрени сме што гледаме дека толку многу политички партии се залагаат за што побрза ратификација на Конвенцијата. Спроведувањето на нејзините одредби ќе гарантира побезбедна иднина за жените и девојчињата и ќе помогне посветеноста на земјата кон родовата еднаквост да се претвори во реалност“, рече Винтон.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше на потпишувањето на декларацијата за спречување и заштита од различни форми на насилство врз жените и семејното насилство од страна на лидерите на политичките партии.
„Како министер за внатрешни работи дадов поддршка на оваа декларација за спречување и заштита од различни форми на насилство врз жените и семејното насилство. Општеството мора да работи на превенција, на откривање на сите можни ризик фактори за спречување на оваа појава“, рече министерот Спасовски.

„Државата не смее да ги остави своите граѓани сами да се справуваат со проблемите. Таа ќе биде тука и ќе им пружи заштита кога им е најпотребно“, изјави Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ, по потпишувањето на заедничката декларација за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство.

Пред 17 години, Обединетите нации го утврдија 25 Ноември како Меѓународен ден за борба против насилството врз жените. Се смета дека 70 отсто од жените во светски рамки претрпеле насилство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП