20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

ln

Берлин – Загрепската компанија „ИНсиг 2“ победи на тендерот на НАТО за изработка на софистициран систем за безбедност, соопшти компанијата. На победата на тендерот му претходеше влез на „ИНсиг 2“ во потесниот избор на кандидати, како и презентација во Брисел, со помош на хрватската воена мисија при НАТО. По тој повод директорот на „ИНсиг 2“, Горан Опарица потенцира дека во текот на презентацијата на своето решение во Брисел, компанијата добила многу пофалби за квалитет, функционалност и дизајн и за сериозноста во пристапот на проектот.

Берлин – Другите членки на еврозоната не би имале корист од растот на платите во Германија, а тоа дури и би и наштетило на Европската монетарна унија во целина, изјави гувернерот на германската централна банка Јенс Вајдман. – Имајќи ги предвид релативно слабите трговски врски со периферните европски земји, тие речиси не би имале корист од конкурентноста поради падот на цените и растот на потрошувачката во Германија, рече Вајдман во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. – На крајот, еврозоната во целина би била во загуба, додаде шефот на Бундесбанк, кој исто така е и член на Управниот одбор на Европската централна банка.

Амстердам – Холандскиот гигант од областа на електрониката „Филипс“ соопшти дека во првиот квартал од оваа година неговиот профит е намален за 12 отсто во однос на истиот период лани и потврди дека во првата половина на 2013 очекува само скромен раст на добивката. Наспроти падот на нето профитот од 162 милиона евра, продажбата на енергетски ефикасните ЛЕД сијалици скокна за 38 отсто и сега чини 23 отсто од вкупната продажба на сијалици, наведува компанијата. Податоците од првиот квартал се нешто подобри во однос на очекувањата на аналитичарите. Приходите на компанијата во дадениот период изнесуваа 5,26 милијарди евра, што е за еден отсто помалку во однос на првите три месеци од 2012 година, главно поради неповолниот девизен курс, наведе Филипс.

Брисел – Шпанија лани евидентираше буџетски дефицит од 10,6 отсто од БДП, вклучувајќи ги и трошоците за докапитализација на банките погодени од кризата, покажуваат податоците од Европската комисија. Шпанија кон крајот на март наведе дека ланскиот дефицит, ако се одземат трошоците за докапитализација на банките, е намален на 6,98 отсто од БДП. Буџетскиот дефицит на Франција истовремено изнесувал 4,8 отсто, колку што официјален Париз прогнозираше во март, кога беше соопштено дека јавниот долг достигнал нов рекорд од 90,2 отсто од БДП. Јавниот дефицит во 17-те земји на еврозоната во 2012 година изнесуваше 3,7 отсто од БДП.

Бохум – Загубарот на американската компанија „Џенерал Моторс“, германската „Опел“, потврди дека има намера да го прекине производството во фабрика во Германија до крајот на 2014 година. – Тоа е дефинитивно крај. Од 2015 година во погоните на „Опел“ во Бохум нема повеќе да се монтираат автомобили, пишува германскиот печат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП