18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАХунгарикум е модел за пласман и на македонските национални производи

Хунгарикум е модел за пласман и на македонските национални производи

hungari303

Сојуз на стопански комори (ССК) на Македонија во соработка со амбасадата на Унгарија во земјата и на унгарското министерство за земјоделство, организира конференција на која пред домашните компании беше презентиран системот „Хунгарикум“ кој ги обединува и промовира националните автохтони унгарски производи и услуги.

„Целта на денешната конференцијата е да се презентираат позитивните примери и да се направи размена на искуства како и бизнис соработка меѓу унгарските и македонските компании, кога станува збор за промоција на традиционалните производи и услуги на домашниот и на меѓународниот пазар како национален бренд. Заедничката иницијатива за конференцијата произлегува од веќе воспоставените активности на Сојузот во насока на промоција на македонските компании кои имаат традиција во создавање на македонски бизнис идентитет и успешно го промовираат македонскиот квалитет на домашниот и странските пазари“, рече Александар Зарков, оперативен директор на ССК и додаде дека ова е одлична можност за да креираме додадена вредност, да ги искористиме искуствата и заеднички да настапуваме и на трети пазари.

Заменик државниот секретар во министерството за земјоделство на Унгарија, Лоранд Иштван Сакали, истакна дека под Хунгарикум спаѓаат 60 унгарски национални вредности, специфични производи, но и значајни личности кои оставиле свој печат во историјата на Унгарија.

На конференцијата свое обраќање имаше и унгарскиот амбасадор во Македонија, Ласло Дукс, кој ја потенцираше добрата соработка меѓу двете земји и напредокот на политичките и економските односи.

Ервин Сел, економски советник во амбасадата на Унгарија, пак, појасни дека според Унгарскиот завод за статистика, во 2014 и во 2015 година е достигнат максимумот на трговската размена меѓу двете земји
.
„Позитивниот тренд продолжува и оваа година, така унгарскиот извоз порасна за 20 проценти, а македонскиот за повеќе од 160 отсто. Сметаме дека соработката може да биде уште поуспешна, преку директни инвестиции, заеднички проекти, размена на информации и заеднички настап на трети пазари“, изјави Сел.

На годишно ниво, трговската размена меѓу Македонија и Унгарија, во зависност од годината се движи околу 100 милиони евра, а годинава веќе во првите осум месеци од годинава е остварено ова ниво на трговска размена, со потенцијал за натамошно унапредување.

Ова конференција дојде како резултат на успешната заедничката соработка на Сојуз на стопански комори на Македонија и амбасадата на Унгарија во Македонија, а соработката меѓу бизнис заедниците на овие две земји ќе продолжи и во иднина во насока на зголемување на трговската размена, порачаа организаторите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП