1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Јакнење на политичките и економските односи - цел на посетата на...

Груевски: Јакнење на политичките и економските односи – цел на посетата на Бразил

Macedonia's Prime Minister Gruevski listens to questions during a news conference in Salzburg

Премиерот Никола Груевски синоќа во Бразилија се сретна со потпретседателот на Федеративната Република Бразил Мичел Темер, со што ја почна економско-политичката посета по земјите од Јужна и Централна Америка, која ги вклучува Аргентинската Република и Соединетите Мексикански Држави.

Премиерот Груевски на средбата со Темер разговарал за продлабочување и унапредување на добрите односи кои владеат меѓу двете земји, при што двајцата ја истакнале личната посветеност за ангажман во насока на проширување на полето на соработката во секоја сфера од заеднички интерес, со акцент на зголемување на економската соработка. За таа цел изразија подготвеност за интензивно охрабрување на компаниите од двете земји да реализираат економски проекти и соработка.

– Ова е прва посета на Бразил од ваков тип од страна на премиер на Република Македонија.  Целта е зајакнување на политичките односи со Бразил. Бразил е исклучителна значајна држава во светот не само во Јужна Америка, таа е водечка земја во Јужна Америка, меѓутоа е и значајна во светот особено по создавањето на иницијативата БРИК. Она што е исто така важно е зајакнување на економските релации. Имаме доста ниска размена и на трговија, и на бизнис, и на инвестиции, изјави премиерот Груевски.

Тој подвлече дека со потпретседателот Темер генерално разговарале за повеќе работи, како забрзување на ратификувањето на веќе потпишаниот Договор за укинување на визите за патување во едната и во другата држава, кој Македонија веќе го ратификуваше, а биле разгледани и иницијативи за договори во економската сфера.

– Инициравме склучување договор за одбегнување на двојното оданочување за да може кога инвеститори ќе дојдат во Македонија да не плаќаат данок и во едната и во другата држава и обратно. Инициравме во иднина, исто така, да се размисли и за договор за слободна трговија, иако тука може да се каже дека Бразил е веќе во длабока фаза на преговори и потпишување договор за слободна трговија со ЕУ, па во една блиска иднина, кога и ние ќе станеме членка на ЕУ, на некој начин ќе влеземе во една таква релација, рече Груевски.

Покрај ова, додаде премиерот, потпишан е Договор за соработка во образованието, имајќи предвид, вели, дека тоа е многу важно за нас, а се разговарало и за намерата на Владата да отвори амбасада во Бразил, веројатно од следната година.

Потпретседателот Темер, од негова страна, возвратил дека веднаш потоа и тие би отвориле дипломатско претставништво во Македонија.

– Македонија е млада држава со многу можности на национален и на меѓународен план. Во Бразил сме заинтересирани за мултилатерална соработка со многу земји. Ние ги охрабруваме компаниите од сите сектори – градежништво, енергетика, да ги посетат тие земји и да воспостават соработка. Ние ќе ја охрабриме нашата бизнис-заедница да ја посети Македонија и да ги види можностите за правење бизнис таму, рече Темер.

Покрај средбите во политичкиот дел од посетата, во економскиот дел е одржана презентација на можностите за инвестирање во Македонија.

– Во главниот град Бразилија пред одреден број инвеститори, претставници на компании, на бизнисмени ги презентиравме кои се можностите за правење бизнис со Македонија. Покажаа интерес. Ние тука веќе имаме испратено бизнис-промотор, којшто ќе продолжи да работи со нив, којшто ќе продолжи да ги контактира, да им дава дополнителни информации доколку им требаат со цел дел од нив да се привлечат да дојдат во Македонија, да се уверат во условите и да прават бизнис во Македонија, да инвестираат. Така што тоа е главната цел на оваа посета на главниот град на Бразил, рече премиерот Груевски.

Во составот на македонска владина делегација се вицепремиерот и министер  за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида и владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП