22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБездомниците се нерешлив проблем за институциите

Бездомниците се нерешлив проблем за институциите

%d0%b1%d0%b5%d0%b7%d0%b4%d0%be%d0%bc%d0%bd%d0%b8%d1%86%d0%b8

Бездомничка од Куманово, деновиве може да се забележи на плочникот кај трговскиот центар „Бисер“ во скопсјки Аеродром, откако бездомничела во Србија и Црна Гора, од каде била избркана, па се вратила во Македонија.

Валентина, по потекло од Куманово, од 2008 година живее на улица, а пред разговорот со неа, беше заспала потпрена на една од бетонските клупи. Капа на главата, во капут, опкружена со вреќи околу себе, несвесна за она што се случува околу неа. Таа е бездомник откако „членови на некоја секта ѝ ја одзеле куќата и насила ја избркале од дома”. Ваентина нема свое семејство.

Не сака да оди во дневниот центар во Момин поток или во прифатилиштето во Чичино село, затоа што дневниот центар ѝ е многу далеку, а прифатилиштето било полно со „грди луѓе и нема услови“. Очигледно е дека ѝ е потребна стручна помош, која најверојатно и ѝ била понудена, затоа што неколкупати во разговорот спомна „јас сум здрава и нормална, а тие сакаат да ме лечат“.

Од Општина Аеродром велат дека нивниот сектор за социјална грижа не е надлежен, туку надлежноста за бездомниците е на Министерството за труд и социјална политика.

Црвениот крст е единствен што се грижи за бездомниците, иако центарот за социјални грижи има своја надлежност, а со децентрализацијата, всушност општините се надлежни за бездомниците, појаснува Марина Матевска од Црвениот крст.

Пунктот за бездомници кој е лоциран во Момин Поток е само дневен центар, кој работи во петок од 8 до 16 часот, во кој се нуди оброк, одржување на хигиената, капење, чиста облека која можат да си ја подигнат откако нечистата ја оставиле за преперување. Таму има и медицинско лице кое може да ги прегледа оние кои самоволно доаѓаат и притоа им се обезбедуваат бесплатни лекови. Во дневниот центар редовно доаѓаат 30 лица, а повремено уште толку.

Центарот за бездомници во Чичино село може да згрижи околу 70 лица, а неговиот капацитет е намален по опожарувањето во мај 2015 година. Лицата овде се сместуваат со решение издадено од јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, во согласност со Законот за социјална заштита.

Процедурата за сместување трае најмалку 15 дена. Се прави увид на лицето, се подготвуваат документи (дали се приматели на социјална помош или дали се сопственици на некаков имот) и потоа се добива решението за згрижување.

Не постои ограничување за користење на услугите на Центарот за бездомници. Тие се таму додека има потреба за тоа. Кога се изработува решението првобитно стои период од шест месеци. Потоа бездомникот повторно поднесува барање за продолжување на решението на уште шест месеци. Но, некои од бездомниците таму престојуваат и по десет години.

Лицата што се сместуваат во Чичино село , без разлика дали станува збор за семејства или за самци, неопходно е да имаат документи за идентификација, да немаат право на користење социјална парична помош. Тие добиваат по три оброка, појадок, ручек и вечера. Оброците се доставуваат до центарот, а штитениците си ги подигаат со свои лични садови.

Во Центарот 24 часа има топла вода, но за штитениците што сами си монтирале бојлери, а за затоплување на просториите се користат греалки.

До пред неколку години државата нудеше сместување за бездомниците и во центар во Катланово и во камп во Љубанци, кои сега не се во употреба.

Во овој период е навистина неопходно да се сместат луѓето, поради ниските температури навечер. Капацитетот за преноќување во Момин поток е 16 луѓе и кога температурите се навистина ниски се отвора дневниот центар за преноќување.

Истражувачката куќа „Паблик“ е од огромна помош во работата со бездомништвото во нашата земја, кои покрај издаваштвото со весникот „Лице в Лице” со кој се бара начин да се помогне, работат на продажба на истото, а како продавачи се токму бездомните лица. Продажбата оди малку потешко, затоа што почесто луѓето не се достапни или се болни, па не можат да ја извршуваат оваа задача.

Во моментов, „Паблик“ работи на измени на Законот за социјална заштита, во кој многу малку се застапени бездомниците.

Според светските истражувања, она што оваа ранлива група најмногу ја боли е моментот на осознавање дека никогаш можеби нема да поседуваат свој дом, затоа на пример, во американската сојузна држава Јута, големите компании се ослободени од плаќање давачки на годишно ниво, доколку инвестираат во изградба на домови за бездомници.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП