19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРеновирано основното музичко училиште во Прилеп

Реновирано основното музичко училиште во Прилеп

muzicko-prilep3

Зградата стара повеќе од 90 години, во која е сместено Основното музичко училиште во Прилеп „Ордан Михајлоски – Оцка“, е потполно реконструирана, па сега децата ќе учат да музицираат во пристојни простории.

Проектот чинеше три милиони денари, а парите се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Ова училиште за прв пат се реконструира по 93 години од постоењето на објектот во кој што беше сместено.

„Проектот опфати комплетна промена на три нови плочи, комплетна реконструкција на скаличниот дел, промена на целата електрична инсталација и внатрешната столарија. Со овој проект се реши еден децениски проблем кој го имаа учениците и наставниците и се надевам дека во иднина ќе постигнуваме уште поголеми резултати. Во оваа прилика сакам да им се извинам и на сите родители и ученици што во овој период од два месеци наставата мораше да се изведува во други училишта и простории, но од денес продолжуваме со непречена и поквалитетна настава“, рече Игор Николоски, директор на основното музичко училиште.

Од локалната самоуправа истакнаа дека после овој капитален зафат наредните проекти ќе биле насочени кон набавување на нови инструменти за ова училиште.

„Музичкото училиште доби еден феноменален изглед и се создадоа одлични услови за работа како за наставниците така и за учениците. Ова музичко училиште има продуцирано голем број на музички кадри во Прилеп, Македонија, па и пошироко и се надевам дека со оваа реконструкција стимулот за учење ќе биде уште поголем кај учениците. Задоволството е уште поголемо затоа што ова е еден доста стар објект кој се заштити и доби сосема нов изглед“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Претходно, за ова училиште беше набавено и концертно пијано, инвестиција која чинеше околу 1,2 милиони денари, а парите беа обезбедени со помош на локалната самоуправа и донатори. Ова основно музичко училиште го посетуваат 410 ученици.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП