По информациите што се појавија во регионалните медиуми последниве денови, дека во пристаништето во Бар пристигнало замрзнато свинско месо старо повеќе од 30 години, Управата на царината на Црна Гора соопшти дека на контејнерскиот терминал таков товар не стигнал.
„Во Слободната царинска зона на контејнерскиот терминал се наоѓаат пратки кои се уредно пријавени на царинските и инспекциските служби, како и на операторот со пристаништето Бар“, се вели во соопштението.
Од Управата за инспекциски работи соопштено е дека ветеринарната управа во склад со информациите од медиумите, а во соработка со царинските служби, дополнително ја прегледала документацијата и идентификацијата на пратка од животинско потекло на Контејнерскиот терминал во пристаништето Бар.
„Притоа е констатирано дека не постојат никакви сомнителни пратки. Царината и инспекцијата не добиле официјална информација за пристигнување на пратка со месо од 1982 година“, се вели во соопштението.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија, Зоран Поповски, врз основа на остварен телефонски контакт со црногорските ветеринарни власти, попладнево доби официјална потврда дека во Црна Гора, преку пристаништето во Бар, во изминатава недела, воопшто не е извршен увоз на свинско месо, за кое во одредени медиуми од регионов се шпекулираше дека е од резервите на НАТО и дека е постаро од триесеттина години.
Агенцијата за храна и ветеринарство пред добивање на официјалната потврда ги засили инспекциските контроли на граничните премини и во прометот.