19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНедостига квалификувана работна сила во домашната индустрија

Недостига квалификувана работна сила во домашната индустрија

angel-dimitrov_orm-696x464

Недостатокот од квалификувана работна сила во домашната индустрија е сѐ поизразен. Оваа појава станува алармантна во текстилната индустрија и затоа итно се неопходни ефективни мерки со кои ќе се надмине овој проблем кој прераснува во реална закана за опстанокот на многу домашни компании од овој сектор.

Ова е главната констатација на учесниците на најновиот состанок од серијата консултации со претставници на бизнисот, коишто во рамки на проектот „Деловен појадок“ ги организира Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), со цел размена на мислења и идеи од кои ќе произлезат предлози за подобрување на регулативата во областите кои се од интерес на работодавачите.

На состанокот на кој присуствуваа и претставници на Трговско-текстилниот кластер беа детектирани главните причини за дефицитот на работна сила во оваа индустриска гранка, како и можните начини како тој да се надмине.

„Државните субвенции во вид на ослободување од данок и придонеси што ги добиваат странските фабрики во технолошко – индустриските развојни зони им овозможуваат да исплаќаат малку повисоки плати и на тој начин да ги привлечат квалификуваните работници од домашните фабрики кои не можат да користат вакви субвенции од државата со кои би се намалиле нивните трошоци. На ваков начин, домашните индустриски капацитети „преку ноќ“ се празнат од висококвалификуван кадар во чие создавање со години било вложувано“, вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, дополнувајќи дека „ваквата нееднаква положба меѓу домашните и странските компании во земјава создава нелојална конкуренција на пазарот на труд и воедно им прави штета и на фондовите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување кои губат осигуреници кои плаќаат придонеси, а добиваат осигуреници за кои никој не плаќа придонеси“.

Втората причина за алармантниот недостаток на квалификувана работа сила, особено во текстилната индустрија, е слабиот интерес кај младите да работат во оваа гранка.

„Реформите во образованието и наставните програми мора да ги следат потребите на стопанството кое нема никаква полза од систем кој овозможува запишување на факултет без какви било критериуми и дипломирани студенти со многу ниско ниво на знаење и скоро без никакви практични вештини. Потребна е професионална ориентација на учениците уште во основното образование и промоција на средните стручни училишта и занимања“, смета претседателката на Трговско-текстилниот кластер, Маријана Перковска.

Од ОРМ најавуваат дека како резултат на овие консултации со членовите на организацијата и пошироката бизнис заедница, ќе се дефинираат конкретни предлози кои меѓудругото ќе се однесуваат и на надминување на нелојалната конкуренција на пазарот на работна сила и на потребата од образовни реформи со кои ќе се елиминира недостатокот од квалификувани работници во текстилната индустрија, која има големо значење за домашната економија – учествува со 11% во вкупниот извоз на Македонија и вработува околу 37.000 работници, што претставува над 35% од вработените во целокупната преработувачка индустрија.

На состанокот во Штип, којшто се одржа во рамки на проектот „Деловен појадок“, се разговараше и за новиот предлог-модел за ангажман на сезонски работници, за потребата од поефикасни законски решенија за намалување на повредите и несреќите на работните места, како и за измени во законот за трговски друштва со кои ќе се поттикнат домашните инвестиции. Сите овие предлози и мерки се разгледуваат на регионалните состаноци кои ги иницира ОРМ, за што добива поддршка од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот .

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП