4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајмногу мито и корупција во здравството и кај сообраќајната полиција

Најмногу мито и корупција во здравството и кај сообраќајната полиција

mito

Најмногу граѓани во Македонија платиле поткуп за да добијат некоја здравствена услуга во јавните установи, потоа за некој сообраќаен прекршок, а потоа за образование и за вадење службени документи, покажува последниот извештај на Глобалниот барометар на корупција, спроведен во 42 држави, во кое се испитани повеќе од 60.000 граѓани.

Ова истражување доаѓа пред и по објавување на таканаречените „бомби“, од страна на опозицијата во која беа објавени повеќе коруптивни скандали.

„Претходното коешто го имавме беше пред две години и тогаш 88 отсто од граѓаните на Македонија кажале дека се подготвени да направат нешто за борба против корупцијата и дека тоа може да има некаков резултат. Оваа година, процентот на оние кои кажале дека се спремни да направат нешто е 65 отсто. Во меѓувреме откако имаме многу сериозна ситуација на непостапување на институциите во ситуација кога се обзнанети случаи на корупција очигледно станува збор за намалување на подготвеноста и храброста на граѓаните да направат нешто против крупцијата“, рече Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнл Македонија, на денешното претставување на резултатите од Глобалниот барометар.

Најголем дел од граѓаните во Македонија, речиси 40 отсто, одговориле дека сметаат дека ништо не може да се направи во борбата против корупцијата и затоа не пријавуваат, а еден од одговорите зошто не се пријавува, е страв од последици, рекле 29 отсто.

Речиси 48 отсто велат дека лошо или доволно лошо Владата се справува со корупцијата, а само три отсто сметаат дека таа тоа добро го прави. Дури 31 отсто сметаат дека Кабинетите на претседателот и на премиерот имаат врска со корупција.

Повеќе од половината жители на земјите на Европската Унија (ЕУ) (53%), земјите кандидати за членство во ЕУ (53%), Заедницата на независни држави (ЗНД) составен главно од поранешни држави од Советскиот Сојуз (56%), рекоа дека нивните држави не успеале да ја спречат корупцијата. Властите во Украина (86%), Молдавија (84%), Босна и Херцеговина (82%) и Шпанија (80%) беа најниско оценети од страна на нивните граѓани.

Во просек, едно од шест домаќинства платило мито при пристапот до јавни услуги. Иако малку домаќинства платиле мито во повеќето земји – членки на ЕУ, стапките беа значително поголеми на подалечниот исток; највисока беше стапката во Таџикистан (50%), Молдавија (42%), Азербејџан, Киргистан и Украина (38%) и Русија (34%). Романија имаше највисока стапка помеѓу земјите – членки на ЕУ со 29%, а по неа следуваше Литванија со 24%.

Транспаренси Интернешнл дава четири клучни препораки за намалување на политичката корупција и помагање на луѓето да пријавуваат без страв од одмазда. Владите ширум Европа и Централна Азија треба да имаат транспарентни услови за лобирање на јавен регистар на лобисти со што ќе се олесни надзорот над политичките одлуки; да ја обезбедат независноста на судството, особено во земјите кандидати за членство во ЕУ, да усвојат и спроведат опсежна легислатива за заштита на укажувачите; да ги поддржат укажувачите и пријавувачите на корупција и да обезбедат соодветно проследување на она што го откриваат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП