Интересот на Американците кон имот во странство се зголеми значително, откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД, соопштува интернет изданието „globalpropertyguide.com“.
Канадската асоцијација на брокери на имот објави троен раст на интернет сообраќајот од страна на САД за само неколку дена по гласањето.
Во ноември минатата година на пример околу 10.400 Американци дневно барале имот во Канада. Во последните денови претрагите се зголемија до речиси 30.000, а продолжуваат да се зголемуваат.
„Се уште е рано да правиме заклучоци што значи тоа за пазарот на недвижности во Канада. Никој не може да каже и како тоа ќе влијае на пошироката канадска економија“, коментира Грегори Кламп, виш економист на организацијата.
Водечкиот портал за имот во Нов Зеланд исто предвиде силен раст на побарувачката од Америка – над пет пати во однос на минатата година. Американците се заинтересирани најмногу за домови во Окленд, Велингтон, Нортланд и Отаго.
Така потенцијалните купувачи од САД веќе се втората најголема група учесници на пазарот во земјата по купувачите од Австралија.
Интересот на Американците кон имотите во Австралија исто така се засилува. Од водечките агенции за недвижности во земјата посочуваат дека барањата се зголемуваат не само од САД, но како целина од целиот свет поради фокусот на инвеститорите на дестинациските засолништа.
„Победата на Трамп ги засилува политичките ризици за инвеститорите, што се одразува негативно на капиталот и очекуваното враќање. Тоа ја претвора инвестицијата во Австралија во атрактивна опција, вклучувајќи и за богатите поединци кои бараат живеалиште за инвестиција“, коментираат од компанијата за имот „LJ Hooker“.