Моделите Audi Q2 и Audi А5 купе на автомобилскиот премиум производител од Инголштад триумфираа на наградите „Златен волан“, каде што освоија прво место во две категории – „компактен SUV“ и „спортски автомобил“.
На овој натпревар меѓународно жири составено од експерти, читателите на магазинот “Auto Bild” и на весникот “Bild am Sonntag” ги избраа најдобрите автомобилски новитети за изминатава година. Наградата, која што е една од најпосакуваните признанија во автомобилската индустрија во Европа, беше доделена во Аксел спрингер хаус во Берлин.
“Auto Bild” и весникот “Bild am Sonntag” ги доделуваат наградите „Златен волан“ од 1976 година. Оваа година учествуваа 36 автомобили во шест категории. Со победите на Audi Q2 и Audi A5 купе, брендот со четири прстени сега вкупно има 27 освоени награди. Ниту еден друг автомобилски производител нема освоено повеќе.
Претседателот на бордот на директори на Audi AG, Руперт Штадлер, ја истакна важноста на наградите „Златен волан“.
„Нашиот успешен настап на еден од најпрестижните натпревари во автомобилската индустрија докажува дека имаме многу атрактивни модели во нашето портфолио. Како резултат на тоа, Audi Q2 и Audi A5 купе го освоија жирито, уредниците на магазините, тркачите, дизајнерите, познатите личности и возачите-ентузијасти, дури и учесниците кои имаат поинакви очекувања од автомобилите“, истакна Штадлер.
Зборувајќи за победата на Audi Q2 во категоријата „компактен SUV“, Штадлер изјави дека Audi Q2 го зароби духот на времето:
„Моделот комбинира робусен SUV изглед и лесно управување, со големина која што одговара на градско возило кое изобилува со супериорна функционалност. Q2 јасно сигнализира дека експанзијата на нашето Q семејство е многу значаен дел од нашата развојна стратегија. Со атрактивната почетна цена, привлекуваме нови клиенти на Audi“ – изјави Штадлер.
Наградата за Audi A5 купе, кој победи во категоријата „спортски автомобил“, ја прими Дитмар Фогенрајтер, член на одборот за продажба и маркетинг во Audi AG.
„Новиот Audi A5 купе е совршена симбиоза на динамичен спортски автомобил и елегантно купе. Првиот A5 купе беше пресвртница во развојот на брендот Audi. Наградата „Златен волан“ покажува дека новиот A5, неговите високотехнолошки перформанси и супериорните алатки за секојдневно возење исто така поставуваат нови стандарди“, рече Фогенрајтер.