27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕК започна јавна консултација за акција против даночните измами

ЕК започна јавна консултација за акција против даночните измами

ek3994

Европската комисија започна јавна консултација за акција против даночните измами и избегнувањето на даноците. Целта е да бидат собрани мислења за натамошните активности на ЕУ.

Неодамнешните откритија покажаа како некои посредници, на пример даночни консултанти, им помогнале на своите клиенти да ги пренесат своите профити во офшор зони со цел избегнување на даноци, информира ЕК.

Комисијата си постави за цел да „фрли“ повеќе светлина врз активноста на даночните консултанти и лицата кои измислуваат успешно шеми за агресивните даночни планирања.

„Софистицираните финансиски шеми и криминалните корпоративни структури не се појавуваат случајно: некои посредници ги претворија во уметност“, изјави комесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московичи.

Според него овие експерти им нудат на своите клиенти можност да ги искористат предностите на некои празнини или да го пренесат својот профит, така што значително ќе ги намалат даноците.

Тој додава дека вчера започнатата консултација има за цел да бидат развиени методи за одвраќање на таквите шеми од посредниците, а земјите членки да имаат повеќе информации, за да ги прекинат овие практики.

Европската комисија бара начини да се обврзат даночните консултантите да обезбедат информации за шеми, преку кои би можеле да бидат избегнати даночни плаќања.

Јавната консултација има за цел да се разјасни дали е соодветно да се воведат задолжителни правила за сите земји членки и ако тоа е така, кој би бил најсоодветниот правен инструмент.

Во соопштението се додава дека многу компании и поединци се потпираат на посредници кои им помагаат да избегнат плаќање даноци – консултанти, адвокати, финансиски и инвестициски советници, сметководители, финансиски институции, осигурителни посредници и агенти кои создаваат компании (доверителски компании или компании – даватели на услуги). Шемите создадени од овие посредници, често може да доведат до губење на даночните приходи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП