3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИСиндикатот и менаџерскиот тим на прилепски „11-ти Октомври Еурокомпозит“ го потпишаа колективниот...

Синдикатот и менаџерскиот тим на прилепски „11-ти Октомври Еурокомпозит“ го потпишаа колективниот договор

%d0%b5%d0%b2%d1%80%d0%be%d0%ba%d0%be%d0%bf%d0%bc%d0%be%d0%b7%d0%b8%d1%82-696x522

По повеќемесечни преговори, менаџерскиот тим на „11-ти Октомври Еурокомпозит“- Прилеп и синдикалната организација го потпишаа колективниот договор. Генералниот директор на единствениот загубар со 100 отсто државен капитал Марјан Додовски и претседателот на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) Пеце Ристески, велат дека договорот е во интерес и на работниците и на работодавачот.

Од Прилеп, Зоран Милошески

Искажувајќи го задоволството од чинот на потпишување на колективниот договор во рамките на „11.Октомври Еурокомпозит“- Прилеп, Генералниот директор на фирмата Марјан Додовски рече дека документот сам по себе не треба да претставува само пишан акт на членови кои треба да се реализираат, туку дека тој е чин на градење доверба помеѓу вработените и менаџерскиот тим на „11.Октомври Еурокомпозит“.

„Во изминатава година и повеќе, почнавме да ја градиме меѓусебната доверба, започнавме чекор по чекор да решаваме горливи проблеми кои со децении назад тежеа во фирмата. Започнавме со решавање на проблемот со здравственото осигурување, што резултираше со тоа што во овој момент не постои работник во „11.Октомври Еурокомпозит“ кој не е здравствено осигурен. Започнавме и со една динамика на редовно исплаќање на нето платите секој тековен месец. Овој колективен договор треба да претставува една рамка во која ќе се движиме сите во „Еурокомпозит“, затоа што таа рамка не е само за менаџерскиот тим, туку за сите вработени. Верувам дека оној имиџ на загубар кој „11.Октомври Еурокомпозит“ досега го имаше полека почнува да бледнее и дека во наредниот период ќе прерасне во респектабилна компанија пошироко во регионот“, изјави Додовски.

Претседателот на СИЕР, Пеце Ристески, рече дека договорот не е неменлива тапија и дека со подобрување на условите очекува да се подобруваат и решенијата во него.

„Самиот чин на потпишување на колективниот договор дава до знаење дека „11.Октомври Еурокомпозит“ веќе излегува надвор од зоната на безнадежни фирми. Со колективниот договор двете страни преземаат обврска за реализација на она што таму е напишано. Без разлика на возраста на вработените, во фирмата има квалитетна работна сила која може овој производен програм квалитетно да го носи, а сите ние со заеднички напори ќе работиме за надминување на проблемите“, рече Ристески.

Цветан Бунтески, првиот човек на синдикалната организација на „11-ти Октомври Еурокомпозит“, вели дека е задоволен од потпишаниот договор.

„Со потпишувањето на колективниот договор се доуредуваат правата и обврските и на работниците и на работодавачот. Веќе имаме опиплива правна рамка со која се дефинираат постапките за меѓусебни спорови и други тековни проблеми кои се во интерес на работниците. Ние како синдикат сме задоволни, иако платата која ја земаме не е голема, сепак е редовна“, рече Бунтески.

Во моментов „11.Октомври Еурокомпозит“ има 290 вработени. Вкупниот долг на фирмата, по разни основи, изнесува околу 1.000.000 евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП