
На вкупно десет од регистрираните 12 претпријатија за откуп на ориз во кочанскиот регион им е блокирано работењето поради земените мостри од залихите што им се најдени во магацините. Ќе се прави испитување на квалитетот на оризот во три сертифицирани лаборатории во Македонија, по што треба секој од откупувачите ќе добие лиценца со која ќе може да извезува на странските пазари. Испитувањето ќе потрае, а дотогаш и откупот ќе мирува.
Од Кочани, Тони Ајтовски
Тоа е причината поради која кај земјоделците се создаваат дополнителни нервози. Примената на таквата мерка, велат, доаѓа во најнеповолен момент кога сé уште се собира годинешната реколта, а непродадени се и околу 3.000 тони арпа од минатата година. Освен тоа, и максималната откупна цена што не надминува 15 денари за килограм е далеку под рентабилната.
„Во моментот повисока е цената на трошокот по произведен килограм арпа отколку откупната цена, а откуп врши само ‘Левидиагро’, турската компанија“, вели Зоран Борисов, потпретседател на Здружението на оризопроизводители „Бело злато“ од Кочани.
Од Кластерот за ориз, пак, потсетуваа на законската обврска за навремено склучување договори за откуп.
„Производителите на ориз кои сакаат да ја продадат арпата, ќе мораат најмалку 45 дена порано да склучат договор со откупувачите за да можат да го пласираат производството. Во спротивно претпијатијата ќе им ги откажуваат барањата за откуп“, рече Александар Донев од Кластерот за ориз.
Земјоделците се сомневаат дека во блокирањето на работењето на откупувачите има и политика, бидејќи само на две претрпријатија во кочанско и натаму им се овозможува да откупуваат арпа.



