21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската ракија и алко-гастро туризам за пробивање на рускиот пазар

Македонската ракија и алко-гастро туризам за пробивање на рускиот пазар

rakija

Ракијата, млечните производи и конзервната индустрија се најатрактивни за рускиот пазар, но тука е и туризмот, заедно со гастрономијата со кои може да се унапреди трговската размена меѓу двете земји, беше речено на прес-конференција на која Македонско – руската стопанска комора и „Македонски дом“ од Москва потпишаа Договор за соработка.

Пред да се реализира каков било извоз за Русија, македонските производи мора да поминат низ процес на сертификација.

„Сертифицирањето на ракијата почна во мај. Се надеваме дека за еден месец веќе ќе бидат извезени првите количини во Русија“, истакна генералната директорка на „Македонски дом“ Инна Владимировна Жарова.

Тоа што нема директни чартер летови од Македонија кон Русија и обратно е главна пречка за развој на туризмот.

Обемот на трговската размена, пак, континуирано опаѓа во последните неколку години, иако извозот од македонска страна бележи раст.

„Во август годинава Македонија ја посетиле само 551 гостин од Русија или 0,9 отсто од вкупниот број туристи што е многу мал и безначаен резултат. Затоа, посебно ќе се ангажираме на ова поле“, напомена претседателот на Македонско – руската стопанска комора Ѓорѓи Дика.

За поголема промоција и претставување на Македонија пред руските потрошувачи, до март 2017 година ќе се снимаат репортажи од земјава кои ќе ги прикажат природните убавини, гастро и еко потенцијалите, традицијата, производството на храна, пијалoци,…, а потоа, до крајот на јуни и почетокот на јули, групи руски туристи ќе ја посетат Македонија.

„Интересот за Македонија е голем, но поради немањето директни летови, најпрво ќе почнеме со групи од 15 до 20 луѓе“, рече Жарова.

Извршниот директор на Комората Дејан Бешлиев дополни дека токму поради немањето чартер летови, се размислува за т.н. алко-гастро туризам како алтернатива.

„Тоа подразбира да им понудиме на руските гости прекрасни вина, ракија, салати, овошје,… а една од опциите може да биде и духовниот туризам“, укажа Бешлиев.

Договорот за соработка што го потпишаа Комората и „Македонски дом“ има за цел да му помогне на македонскиот бизнис да биде што поприсутен на рускиот пазар, преку организирање директни контакти со бизнисмени од Русија, симпозиуми, тркалезни маси, конференции, заеднички посети на саемски манифестации,…

Македонија во моментот во Русија извезува производи од земјоделско-прехранбениот сектор и фармацијата. Според статистиката, размената до крајот на септември бележи опаѓање за 12,2 отсто. Двете земји истргувале стока вредна 129,5 милиони долари, а лани тој износ бил 147,6 милиони.

Македонските компании пласирале 8,9 милиони долари повеќе стока. Извезени се производи за 32,2 милиона или 38,4 проценти повеќе од 2015-та.

Значајно е намален трговскиот дефицит од македонска страна и во овој период изнесува 65 милиони долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП